Еко-свест: Уништувањето на реките – вклучено во сметките за струја

Од:

Еко-свест бара да се елиминира изградбата на мали хидроелетрани во заштитени подрачја, при евентуалната изградба во други подрачја да се почитуваат правилата на градба, да има мониторинг и казни за инвеститорите кои не ги почитуваат правилата, а со новите подзаконски акти на Законот за енергетика и за нив да важи субвенционирањето со премиум тарифи.

Затоа, како што истакнаа на денешната прес-конференција, упатиле писмо до Владата во кое бараат јавна расправа за предложените подзаконски акти и да се воспостават „Зелени зони за сини реки“ каде нема да се изведуваат инфраструктурни проекти на реките.

-Досегашната пракса за изградба на мали хидроелектрани во Македонија покажува непочитување на основните принципи на превентивност во заштитата на природата. Доколку не се прифатат измените што ние ги предлагаме и понатаму ќе се стимулира изградбата на мали хидроелектрани преку субвенциите кои како бројка ќе растат. Во Македонија има план за изградба на 400 вакви хидроцентрали, досега се изградени помалку од стотина, се планира нов повик за 22 хидроелектрани, рече Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.

Давор Пехчевски од Еко-свест посочи дека од 2010 година во Македонија се исплатени околу 153 милиони евра за субвенционирање на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија од кои 62 милиони евра за енергија произведена од малите хидроелектрани. Почнувајќи од јануари 2015 година, како што кажа, трошокот за субвенционирање на повластените производители е целосно пренесен на крајните потрошувачи и е вклучен во месечната сметка за електрична енергија.

-Бараме и малите хидроелектрани да бидат вклучени во новиот систем за субвенционирање на обновливи извори на енергија. Вака како што е поставена уредбата во неа има два система – систем со повластени тарифи и систем со премии. Во системот со повластени тарифи остануваат малите хидроелектрани и хидроелектраните на биогас и биомаса и тие се уште добиваат загарантирани откупни цени на електричната енергија, додека соларната и ветерната енергија треба да се натпреваруваат на тендерска постапка со аукција, да понудат најниска цена за да добијат премија, односно субевнција за произведената енергија. Тоа на некој начин ги фаворизира малите хидроелектрани при чија изградба има значајни влијанија врз животната средина, рече Пехчевски.

Филипа Галоп од CEE Bankwatch Network посочи дека законските измени кои се во подготовка имаат потенцијал да ја одредат насоката по која ќе се движи транзицијата кон обновливи извори на енергија, но во форматот во кој се предложени, потенцира, се задржува стариот систем за поддршка на мали хидроелектрани што може само да ја продолжи нивната експанзија и штета.

-Предложената уредба за мерките за поддршка на производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија е спротивна на препораките од Европската комисија и Енергетската заедница (ЕЗ) според кои сите капацитети освен најмалите треба да се префрлат на систем со повластени премии што се доделуваат со тендерска постапка со аукција. Ова ќе овозможи придвижување кон конкурентен и пазарно-ориентиран систем за поддршка што ќе донесе оптимален развој на енергетскиот сектор со минимална штета врз животната средина, но и пониски трошоци за крајните потрошувачи, рече Галоп.

Потенцира дека ЕЗ за разлика од ЕУ нема доволно јаки механизми за заштита на препораките, бидејќи нема можност да изрекува казни, но додаде дека може суптилно да влијае на банките да недоделуваат пари за изградба на енергетски објекти кои ја нарушуваат животната средина.

Игор Вејновиќ од CEE Bankwatch Network посочи дека преку европските банки на тлото на Балканот се вложенипреку 700 милиони евра за изградба намали хидроелектрани и додаде дека се планирани преку 2.000 такви електрани.

-Граѓаните во регионот полека почнуваат да се спротивставу на изградбата на малите хидроелектрани. Бараме да се преиспита пристапот за изградба на мали хидроелектрани во подрачјата каде има висок биодиверзитет и за тоа доставме петиција со 120 илјади потписи до европските банки од кои бараме да не финансираат таквиелектрани, рече Вејновиќ.

Би можело да ве интересира

АД ЕСМ: Набавуваме електрична енергија поради нискиот хидропотенцијал

Куба повторно остана без струја

Горан Наумовски

Мицкоски: Не очекувам да има турбуленции и позначителни потреси на пазарот со електрична енергија во земјава

Французите ја намалуваат цената на струјата за 10 отсто

Предраг Петровиќ

РЕС нуди до 40 отсто пониски цени на струја од моменталните на пазарот

Горан Наумовски

ДУИ: Владата на нетранспарентен начин ја зголемила цената на струјата за компаниите