Претседателот на САД, Доналд Трамп формираше вселенска команда во рамките на Пентагон со цел подобро да ги организира и да ги унапреди огромните воени операции во вселената кое би можеле да чинат до 800 милиони долари во наредните пет години.
Трамп потпиша указ со кој го овластува Министерството за одбрана на САД да ја формира новата команда, а американскиот потпретседател Мајк Пенс рече дека во Вселенскиот центар „Кенеди” на Флорида започнува нова ера на американската национална безбедност во вселената.
Целта на новата команда ќе биде да ги надгледува и да ги организира активностите во вселената и да пронајде ефикасни начини за одбрана на американскиот имот во вселената, вклучувајќи голем број сателити кои силите на САД ги користат за навигација, комуникација и за надзор.
Потегот на Трамп следи во период на се поголема загриженост на Вашингтон дека Кина и Русија работат на онеспособување па дури и уништување на американските сателити.