Концесионерот на француските автопатишта „Винчи“ најави дека ќе им испрати фактури на сите возачи кои поминале низ отворените наплатни рампи без да платат патарина за време на протестите на „жолтите елеци“, јави дописникот на МИА.
За време на протестите на повеќе наплатни рампи „жолтите елеци“ ги пропуштаа возачите без да платат патарина, а на некои места тие и ги запалија наплатните пунктови.
Француската држава се обврза да и исплати оштета на „Винчи“ за изгорените наплатни пунктови, а некои од подметнувачите на пожарите беа и уапсени.
Сепак, најавата на „Винчи“ дека за загубата од неколку десетици милиони евра за време на петнеделните протести, ќе им прати фактури на возачите, предизвика осуда од страна на опозициските пратениците.
Жилиен Обер од конзервативната партија Републиканци (ЛР) праша дали „има држава во државата“. – Тоа Ве тера да посакате да ги национализирате автопатите и на Французите да им се врати тоа што им припаѓа, напиша Обер на Твитер.
Социјалистот Лука Карвунас оцени дека тоа е „срамота и вистински скандал“. – Барам од Владата да го осуди ова, објави Карвунас исто така на Твитер.
Лидерот на националистичката партија Исправена Франција (ДЛФ), Никола Дипон-Ењан, кој го поддржува движењето на „жолтите елеци“, оцени дека станува збор за скандал, а пратеникот на Француската комунистичка партија (ПЦФ), Себастиен Жумел праша дела францускиот претседател Емануел Макрон „ќе ја толерира оваа нова злоупотреба“.
Портпаролот на француската Влада на Бенжамин Гриво, од своја страна, изјави дека одлуката на „Винчи“ е „многу несмасна”
Неповратната загуба од протестите на „жолтите елеци“ се проценува на околу две милијарди евра.