Советот на јавни обвинители со помош на ОБСЕ изготви предлог-комуникациска стратегија за периодот 2018 – 2021 година со цел да ја зголеми ниската доверба во јавноста. Ова беше нотирано и во извештајот на Европската Комсија за напредокот на Македонија. Во употреба е ставена и новата веб-страница со подобрена функционалност и изглед.
Проценката на моменталната слика во јавноста за Советот на јавни обвинители била спроведена преку состаноци со членови на Советот и ОБСЕ, како и медиумите, правната и судската професија, граѓанското општество и општата јавност. Биле анализирани избор исечоци од весници, достапните податоци од јавното мислење и законодавството.
Во предлог-комуникациската стратегија на СЈОРМ пишува дека било спроведено истражување кое покажало недостаток на доверба и сомневања за ефикасноста или функционирањето на ова тело. Во документот пишува дека транспарентноста на Советот на јавни обвинители е на незадоволително ниво, со оглед на тоа што веб-страницата не се ажурира редовно, а присуството на новинари и граѓанскиот сектор на седниците е повремено и недоволно.
„Медиумите покажаа ограничен или никаков интерес за следење на работата на Советот на јавни обвинители, ниту пак се заинтересирани да спознаат што конкретно работи Советот. Недостатокот на комуникација со медиумите, како и отсуството на редовно ажурирани информации за работата на Советот, само ја зголемуваат социјалната стигма и придонесуваат за нешто неосновано – негативна перцепција на медиумите“, пишува во документот.
Во предлог-стратегијата, меѓу другото, се додава дека причините за неточното толкување се во сложеноста на правниот јазик и немањето потребно знаење на повеќето новинари: „Правните одлуки користат високо технички вокабулар кој ретко може да се прилагоди и точно да биде пренесуван од страна на новинарите. Повеќето новинари најчесто ги генерализираат информациите и го немаат потребното знаење за темелно разбирање на законските процедури. Како резултат на тоа, тие често се потпираат на достапните информации и извори, понекогаш без оглед на нејзиниот квалитет или вистинитост“.
Во документот пишува дека често се случувало проактивно или пристрасно пишување, кое вклучува стереотипни или дури фактички неточни изјави. Стратегијата за реформа на правосудниот сектор за периодот 2017-2022 наведува дека има потреба да се преиспита функционирањето на Советот на јавни обвинители.
Оваа институција за време на претходната власт беше критикувана дека ја опстурира работата на специјалното јавно обвинителство, а годинава предизвика реакции во јавноста кога претседателот, Коле Штерјев, гласал воздржано на седницата за избор на неговата внука за обвинителка во Обвинителството за органзииран криминал и корупција, и кога членката на Советот, Фиданка Рајевска, гласала воздржано при реизборот на обвинителка која го гонеше нејзиниот сопруг за перење пари. Штерјев потоа не одоговараше на телефонските повици на „Макфакс“.
Американскиот амбасадор Џес Бејли, јавно посочи дека со таа одлука за избор на обвинители, македонската јавност загубила неколку грама доверба во правосудството. За овој случај поранешната членка на атикорупциската комисија констатира судир на интереси, но извештајот не може да се изгласа поради неколкумесечната блокада на ДКСК.
Васко Маглешов