Даночните власти во Литванија денеска соопштија дека ќе ја користат платформата на Гугл – Стрит вју (Google Street View), која неодамна се појави во оваа земја, со цел да откријат даночни измами, така што ќе ја проценуваат вистинската вредност на недвижностите.
– Така ќе утврдиме кои недвижности се „кријат“ зад цената на пријавените во имотните регистри и ќе процениме дали нивната вредност одговара на пријавената, истакна литванскиот заменик даночен инспектор Артурас Клераускас.
Апликацијата на Гугл, која на корисниците им овозможува панорамски преглед на улиците, исто така ќе се користи при испитувањето на зградите кои се далеку од канцелариите на даночните инспектори, пред да се донесе одлука дали е потребна подетална истрага.
– Оваа апликација ќе ни помогне и да ги идентификуваме нерегистрираните недвижности, додаде Клераускас.