Францускиот производител на автомобили „Рено“ (Renault) повлекува над 60.000 автомобили, извезени во Кина, заради проблеми со сензорите за ниво на горивото, соопштија кинеските државни медиуми.
Кинеската филијала на „Рено“ неделава почна да повлекува 61.508 СУВ-а Колеос (Koleos), произведени меѓу 16 декември 2008 година и 10 јули 2012 година, посочуваат кинеските медиуми, повикувајќи се на Главната управа за контрола на квалитетот, проверка и карантин во Кина.
Автомобилите имаат дефектни сензори за гориво, што погрешно го покажуваат нивото на управувачката табла.
„Рено“ бесплатно ќе ги промени сензорите на автомобилите.
На сајтот на кинеската Управа за контрола се забележува дека тоа е второто повлекување на „Рено“ во последните два месеца. Во јануари францускиот производител на автомобили повлече 5.097 возила Колеос заради проблеми со заварувањето.
Исто како и останатите европски автомобилски компании и „Рено“ се бори со своите големи залихи, што се должат на слабата побарувачка во Европа, и затоа сака здраво да стапне на кинескиот автомобилски пазар, што е најголемиот во светот и каде француската компанија заостанува зад конкурентите како „Фолксваген“ (Volkswagen), забележуваат агениците.