Филмот „Арго“ во режија на актерот Бен Афлек за спасувањето на американските заложници во Иран во 1979 година се закити со дури три признанија од Британската филмска академија (БАФТА) – за најдобар филм, режија и монтажа.
На синоќа одржаното доделување на наградите БАФТА во Кралската опера во Лондон, наградата за најдобар британски филм го доби новото остварување за Џемс Бонд „Skyfall“, додека францускиот „Амоур“ ја доби наградата за најдобар странски филм.
За најдобра главна глумица прогласена е легендата на францускиот филм, 85-годишната Емануел Рива за улогата во филмот „Амоур“, додека наградата за најдобар глумец ја доби Даниел Деј Луис, за улогата во „Линколн“.
Ен Хатавеј ја доби наградата за најдобра женска споредна улога во мјузиклот „Les Miserbles“, а за најдобра машка споредна улога, признанието го доби Кристоф Валц, за улогата во филмот на Квентин Тарантино „Django Unchained“.
Филмот на Тарантино ја доби и наградата за најоригинално сценарио.
Наградата за најоригинална музика ја доби насловната нумера за филмот за агентот 007, која ја пее Адел.