Премиера на претставата „Галеб“ од А.П. Чехов во режија на Нина Николиќ во МНТ

Од:

На 18 декември во 20 часот во Македонскиот народен театар ќе се изведе премиерата на претставата „Галеб“ од А.П. Чехов, во режија на Нина Николиќ.

Станува збор за трето поставување на текстот „Галеб“, напишан од еден од најголемите руски и светски драматичари, Антон Павлович Чехов (1860-1904), во 73-годишната историја на Македонски народен театар. Претходно „Галеб“ го поставиле режисерите Димитар Ќостаров, во 1960 година, и Бранко Ставрев во 1990 година.

Нагласувајќи дека станува збор за дело од светската класика режисерката Нина Николиќ за својата верзија на „Галеб“ вели:

„’Галеб‘ е текст за храброста на младите генерации автори во борбата со оние кои заминуваат од културната сцена, а кои сѐ уште се борат да ги задржат своите позиции во уметничките/театарските кругови и во општеството. Станува збор за текст во кој е јасно нагласено дека човек мора до крај да се бори за она во што верува и за она кое природно му следува“, додавајќи дека од друга страна „драмата содржи приказна актуелна за сите нас, луѓето, кои копнееме за возвратена љубов, но и кои сме подготвени до крај да се бориме за невозвратената или неостварливата љубов во која веруваме. Драмата раскажува приказни кои се универзални и кои се движечка сила на човекот воопшто, бидејќи ништо не се променило од пред 120 години кога Чехов го напишал текстот“.

Во претставата играат актер(к)ите Звездана Ангеловска, Никола Ристановски, Дарја Ризова, Петре Арсовски, Емил Рубен, Благој Веселинов, Сашка Димитровска, Славиша Кајевски, Тина Трпкоска, Дамјан Цветановски и Аксел Мехмед.

Во поставувањето на претставата учествуваше меѓународна екипа на соработници, меѓу кои сценографот Вишња Вујовиќ од Србија, дизајнерот на светло Крис Јегер од Велика Британија и кореографот Димитрис Сотириу од Грција. Композитор на главната музичка тема во претставата е македонскиот виртуоз на гитарата Влатко Стефановски. Постојани соработници на повеќе претстави на Нина Николиќ се драматургот Драгана Лукан Николоски и костимографот Ивана Каранфиловска – Угуровска.

Непосредно пред премиерата на „Галеб“ на 18 декември во фоајето на Македонски народен театар ќе биде отворена и изложба со која ќе биде одбележан јубилејот на доајенот на македонското актерство – Петре Арсовски.

Изложбата „Петре Арсовски, 50 години театар“ е визуелно сведоштво за живот на сцената на актерот Петре Арсовски. Преку фотографии, плакати и останати експонати на дел од претставите во кои игра, а се во продукција на МНТ, целта е да се прикаже развојот и низата остварени ликови на еден од најпочитуваните актери во македонското глумиште и „жива легенда“ на македонскиот театар и филм.

Петре Арсовски дебитира во „Венецијански трговец“ како Првиот полицаец во 1968 година, моментално игра во „Разговори во четири очи“, ликот на Чичко Јакоб, а со ликот на Петар Николајевич Сорин во „Галеб“ на А.П. Чехов одбележува 50. години на оваа сцена. Преку остварените ликови на Арсовски на сцената на МНТ се испишува и еден дел на историјата на театарот во кои тој своите ликовите ги реализира на начини кои го вреднуваат на најпрепознатливо ниво. Со постојаноста на квалитетот на сцената, видлива и во експонатите, изложбата дава поглед на актерските реализаци на Арсовски преку кои тој е запаметен/се памети како актер кој се гради, а на сето изминато време му дава значаен белег. Во сите претстави, преку играта и умеењето да се фати во костец со секој лик, без разлика дали е голем или мал, тој плени со својата ненаметлива снага, одмереност, посветеност и умеење да се фати во костец со секој доверен нов лик.

Би можело да ве интересира

МНТ со претставата „Бели ноќи“ ќе учествува во одбележувањето на 80- годишнината на Народен театар, Битола

Катерина Ѓуровски

Никола Кимовски назначен за в.д директор на Македонскиот народен театар

Парите од роденденските претстави на МНТ ќе одат за лекување на Леонид

Во МНТ почнаа пробите за најновата претставата „Хенгинг Араунд“

МНТ со претставата „Народен непријател” гостува во Србија

МНТ со две претстави на два интернационални фестивали во Републиката

Катерина Ѓуровски