Нема конечно решение прифатливо и за Белград и за Приштина, но тоа не значи дека односите не може да се унапредуваат, па дури и да се институционализираат, свесни дека главниот проблем е нерешлив, смета Дејвид Кенин, професор на универзитетот „Џон Хопкинс“.
-Косово е проблем за Србија, навистина, бидејќи и е илегално одземено, а на Белград не му е прифатлива неговата еднострана декларација за независност. Тоа што сега двете страни го прават, е инсистирањето да решат некои од проблемите, замрзнувајќи го ова основно прашање, вели овој доскорешен аналитичар на ЦИА во интервју за денешна „Политика“.
Според него, нема конечно решение прифатливо за двете страни. Косово, потсетува тој, е признато од речиси 100 земји од светот, но не и од пет членки на ЕУ.
-Косово инсистира на независноста и суверенитетот, и точка, и не е подготвено на компромиси за тоа. Србија, исто така, засега не е подготвена со тоа да се согласи, вели Кенин.
Тој смета, дека тоа што двете страни го замрзнуваат главното прашање, не е лош пристап, се додека двете страни и оние однадвор разбираат дека главното прашање нема да биде решено, туку само контролирано.
Универзалното прашање во политиката, потсетува Кенин, е да се разликуваат проблемите кои се решливи од оние кои само можат да бидат држани под контрола и да се одлучи кои се кои.