Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск изјави дека ЕУ стои зад усвоениот договорот за излез на Велика Британија од ЕУ и политичката декларација за иднините односи, како и дека има намера нив да ги ратификува.
-Тоа повеќе не е отворено за преговори, рече Туск, додавајќи дека она што претстои се само преговори за идните односи меѓу Унијата и Велика Британија.
Туск, по обраќањето на британската премиерка Тереза Меј, а потоа и дискусиите со лидерите на 27-те членки на ЕУ, повтори дека Европскиот совет не сакаат дополнителни преговори за веќе усвоен договор за повлекување на Велика Британија од ЕУ.
-Европскиот совет потврдува дека сака во иднина да воспостави што е можно поблиско партнерство со Обединетото Кралство. Ние сме подготвени да започнеме со подготовките веднаш по потпишување на договорот за Брегзит, за да осигураме дека преговорите за идните односи можат да започнат што е можно поскоро, по повлекувањето на Британија, рече Туск.
Тој рече дека британската премиерка Тереза Меј ги информирала лидерите на ЕУ на самитот во Брисел за проблемите што постојат во Велика Британија во процесот на ратификација на Договорот за Брегзит. Туск изјави дека Меј барала дополнителни гаранции, за да ја одблокира ратификацијата на договорот во британскиот Парламент.
-Европскиот совет нагласува дека заштитната мрежа ќе биде употребена само времено и тоа додека не биде заменета со друг договор, кој ќе овозможи избегнување на т.н. „тврда граници” (меѓу Ирска и Северна Ирска). Во тој случај, ЕУ на најдобар начин ќе се потрудии да преговара и да склучи брзо дополнителен договор, кој ќе ја замени заштитната мрежа, истакна Туск.
Претседателот на Европскиот совет повика на зајакнување на подготвеноста на сите нивоа за излез на Велика Британија од ЕУ, земајќи ги предвид сите можни исходи.