Од воведувањето на таксата од 100 отсто за увоз на производи од Србија и од Босна и Херцеговина во Косово, компаниите извознички од тие две земји имаат забележано загуби од десетици милиони евра, а илјадници вработени во тие компании ризикуваат да останат без работа.
Тоа се наведува во истражувачката студија на Косовската алијанса на бизнисите, која беше објавена денеска во Приштина.
Истражувањето е спроведено од 21 ноември до петти декември и со него се опфатени 300 бизниси, од кои 95 компании од Србија, кои соработуваат со различни компании од Косово.
– Во овој период, над 21 милион евра се проценува дека има загубено српскиот извоз, 2.000 транспортни средства не сообраќале во Косово 15 дена, околу 1,3 милиони евра се загубите само во превозот на стоки и над 8.200 работници ризикуваат да заминат на неплатен одмор, се посочува во истражувањето.
Владата на Косово на 21 ноември воведе такса од 100 отсто на увозот на производи од Србија и од БиХ, како одговор на, како што наведе, „деструктивното однесување на Белград кон Приштина, посебно на меѓународен план“, но и поради некоректниот однос на српските власти кон фирмите од Косово кои извезуваат во Србија и оние кои ги превезуваат своите производи во други европски држави преку таа земја.