Јавните дискусии по нацрт амандманите за уставни измени со цел решавање на долгогодишниот спор со Грција, со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, завршија во предвидениот рок од пет дена, соопштија од Владата на Република Македонија.
Во рок од два дена после јавната расправа, Владата на РМ, како овластен предлагач за уставни измени, до Собранието на Република Македонија ќе достави сублимиран извештај од главните сугестии и предлози за усовршување на нацрт амандамните, или како амандмани на амандманите.
Процесот на уставните измени треба да заврши со усвојување на предложените амандмани после јавната расправа и со Одлука за измена на Уставот што ќе ја донесе Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, на седница која е предвидено да се одржи на 15 јануари 2019 година.
„Уверен сум дека процесот ќе го затвориме во рамките на договореното и онака како што ќе пишува во одлуката за донесување на уставните измени во Законот за Уставни измени, односно дека амандманите се составен дел на Уставот на Република Македонија и ќе влезат во сила со денот на влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од страна на Република Грција“, рече премиерот Заев на една од јавните расправи, и потенцираше дека измените на Уставот ќе важат откако Грција ќе ги спроведе своите обврски, односно кога, во ист ден, ќе ги ратификува Конечната спогодба за решавање на спорот со името и Протоколот за нашето членство во НАТО.
Јавната дискусија започна со дебата во Владата на Република Македонија, и потоа продолжи со отворени настани за предложените уставни измени во МАНУ, на Универзитетот ФОН, во Општина Штип, и во Тетово на Универзитетот на Југоисточна Европа, со учество на претставници на академската и експертската јавност, претставници од граѓанскиот сектор, како и на граѓани кои покажаа голем интерес на отворената покана на Владата на РМ.
Освен премиерот Заев, како претставници на Владата на РМ, учество на овие дебати зедоа и заменик претседателката во Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и повеќемина професори, академици и експерти за политички систем и уставни прашања кои беа поканети да го дадат своето стручно мислење за прашањата поврзани со уставните измени.
„Во своите настапи за време на јавните дебати, премиерот Заев потенцираше дека и овој процес, од посебен интерес за иднината за нашата земја, се спроведува и организира со максимална инклузивност и подготвеност за прифаќање на секое разумно и рационално дополнување и усовршување во духот на Договорот од Преспа.
Низ дискусиите беа презентирани текстовите на усвоените четири нацрт амандмани низ собранискиот процес, а посебно внимание се посвети на конструктивните предлози што дојдоа од пратениците во Собранието на Република Македонија, како и на предлозите од експертите и граѓаните кои дојдоа низ отворената дебата.
За време на расправата беа разгледани предлози и сугестии како што се прашањето дали како уставно решение да се набројат сите одлуки од Првото заседание на АСНОМ, како правни решенија на кои се темели нашата државност, или пак да бидат собрани во еден уставно-правен израз како конститутивни документи на нашата државност.
Како сугестија која се зеде предвид, беше расправана и опцијата во Уставот да се наведе дека Република Македонија освен за грижата за македонскиот народ во дијаспората, се грижи и за дијаспората на другите етнички заедници.
За време на дебатите беше разговарано дека предложените уставни измени и амандмани се прифатливи и од аспект на идентитетските одредници утврдени во Уставот, и дека сите предложени решенија се во рамките на уставно-правниот јазик.
Во однос на преамбулата на Уставот како исходиште за државноста и нејзините специфики, и како историско политичка традиција врз основа на кои се гради духот на овој највисок државен конститутивен правен и политички акт, се нагласи дека преамбулата на Уставот треба да ги прецизира новите измени и да го одразува духот на новата реалност произлезена со Договорот од Преспа.
За време на расправата преовлада мислењето дека нашата земја не може да ја смени својата географска положба, ниту својата историја која е важна и темел на нејзиното постоење, но, дека може да влијае на иднината, со преземање на одговорноста и со донесување одлуки за имплементацијата на Договорот од Преспа.
Учесниците на сите пет дебати, се обединија околу ставот дека со Договорот од Преспа и решавањето на повеќедецениското прашање се затвора и поглавјето на идентитетските прашања, кое заедно со членството во НАТО и ЕУ, се трите цели кои Владата сака да ги постигне со овој Договор, со оглед на фактот што тој е заснован на европски начела, вредности, почитување на трајното пријателство и човековите права и дека уставните измени треба да се гледаат во контекст на придобивките.
Некои од експертите во јавната расправа оценија дека нацрт-амандманите се клучен основ за понатамошно опстојување на Македонија и нејзино вклучување во меѓународните организации, и осврнувајќи се на важноста Договорот од Преспа дадоа предлог и тој да биде дел од Преамбулата“ се вели во соопштението на Владата на Република Македонија.
„Убеден сум дека преку инклузивниот процес, со внесување на сите одржливи сугестии, Република Македонија може да обезбеди двотретинско мнозинство во Парламентот, бидејќи одговорноста е наша и тоа им го должиме на нашите деца, да го заокружиме процесот и да се посветиме на економскиот, образовниот, правниот развој на нашиот систем“, истакна премиерот Заев на една од дебатите, и истакна дека се наоѓаме пред историска шанса да го заокружиме политичкиот процес кој трае веќе 27 години, бидејќи нашата држава после сите резултати и храбри чекори што ги презеде го заслужува членството во НАТО и започнувањето на процесот на преговори со ЕУ.