Во Скопје денеска се презентираа наодите од истражувањето „Колку и на што троши еден македонски студент“ спроведено од тим на Здружението на млади аналитичари и истражувачи и Младинскиот образовен форум со поддршка на фондацијата „Отворено општество – Македонија“.
Истражувањето, кое претставува мапирање на трошоците на студентите кои студираат на државните универзитети во Македонија, беше спроведено во периодот февруари–март 2018 година и истото опфати 945 студенти од пет државни универзитети.
Сузана Пецаковска од Фондацијата Отворено општество – Македонија рече дека со оваа истражување не претендираат дека ќе даваат одговор на сите можни прашања што ги имаат повразано со трошоците на студентиентите кои студираат на државните универзитети во земјава и верува дека граѓанските организации треба да бидат препознаени како сериозен чинител во креирањето на транспарентни, инклузивни и отчетни образовни политики.
Проф. д-р Борче Треновски од Економскиот факултет при УКИМ честитајќи и на истражувачкиот тим за спроведеното истражување рече дека оваа извонредно парче истражување може многу да придонесе кон новите реформски политики кои се планираат не само во образованието, туку и во повеќе сектори.
Согласно истражувањето, студентските месечни трошоци или „студентската кошничка“ изнесува 21.410 денари за студенти кои студираат со партиципација и 22.435 денари за студенти кои студираат со кофинансирање, односно кои плаќаат школарина.
-Таа вклучува трошоци како партиципација, односно школарина, трошоци поврзани со факултетот, трошоци за секојдневен живот, понатаму трошоци за превоз, домување но и режиски трошоци. Студентскиот стандард е доста низок и финансиска состојба на студентите е навистина тешка. Најголемиот дел од нив живеат со родителите или старателите, кои се и најзначаен извор на финансии за студентите. На месечно ниво, за секојдневни трошоци, студентите располагаат просечно со 8.894 денари, износ кој за споредба, претставува 36,3 отсто од просечната месечна нето-плата од мај 2018, или 74,1 отсто од минималната месечна нето-плата во државата. Од овие средства, тие најмногу трошат на храна, алкохол и цигари, како и на хигиена и медицински производи. Најмалку трошат на културно-забавни настани, книги, списанија, весници или пак интернет-претплати, рече Виктор Стојкоски од Здружението на млади аналитичари и истражувачи (ЗМАИ).
Александра Филипова од МОФ инфирмораше дека студентите во истражувањето велат дека една од најдобрите опции за подобрување на нивниот стандард е можноста за платена студентска работа, која во моментов, системски, во државните институции не е препознаена, ниту пак се стимулира соработка со приватниот сектор.
-Воедно, како поволности кои би го олесниле студентскиот живот, студентите ги препознаваат и бесплатниот јавен превоз, но и картичките за субвенционирани цени за исхрана и билети за културни настани, нагласи Филипова.
Мартина Илиевска од МОФ изјави дека детектирани се повеќе фактори кои влијаат на висината на трошоците на студирање, како што се животните и културните навики на студентите, ефикасноста на студирањето, т.е. рокот во кој студентите ги завршуваат студиите, но и финансиската моќ на родителите односно економската состојба на семејствата.
Дополнително, рече таа, фактор кој влијае врз висината на трошоците е немањето критериум за финансирање во високото образование, особено поради фактот што различни универзитети имаат различен ценовник за административни трошоци.
-Согласно истражувањето, извлечени се повеќе препораки за Владата на РМ и Министерството за образование, како и препораки за другите владини институции, универзитетите и факултетите но и за студентските домови, а сѐ со цел олеснување на животот на студентите, но и подобрување на студентскиот стандард, изјави Илиевска.