Прилепски театар: Наградите се во чест на великанот Горан Стефановски

Од:

Претставата „Љубовни пози на историјата“ по текст на Горан Стефановски, во изведба на прилепскиот ансамбл го воодушеви жирито на меѓународниот фестивал во Никшиќ, Црна Гора и се закити со гран при наградите за најдобра машка и женска епизодна улога и за колективна игра. За актерите, ансамблот и театарот е голема чест и недвосмислено е – претставата и наградите се посветени на легендата на македонската драматургија, беше истакнато на денешната прес -конференција за добиените награди на меѓународниот фестивал во Црна Гора.

За наградените актери, Ангела Наумоска и за Зоран Иваноски, претставата предизвика бурни емоции, особено што се играше на 29 ноември, ден по веста за смртта на великанот Горан Стефаноски. Претставата се играше со посебни емоции.

-Се уште не може да се соберат сите импресии, но задоволството е огромно, но и чест е да се добијат дури три награди на Фестивалот. Желба наша е, и моја да бидеме како Горан Стефановски – создавачи на драмската уметност, а не само актери кои носат костими и играат на театарската сцена, изјави актерката Наумоска.

За Ивановски, пак, голема е честа да се добие ваква награда.

-Особено што во жирито немаше ниту еден македонец, за да не помисли некој дека не протежирал. Мене ми е прва освоена награда и сакам да ја споделам со сите колеги, зашто без нив, нема награда. Претставата прво беше изведена на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во 2017 година и жал ми е што не привлече внимание од македонското жири за да ја видат вредностите на претставата. Чест ми е за наградите, воопшто, и сметам дека треба да бидат посветени на Горан Стефановски зашто беше тука кога претставата се играше на МТФ „Војдан Чернодрински“ во 2017 година. И додека работевме на претставата комунициравме со него зашто прв пат текстот се изведуваше кај нас. Фасцинираше и неговата големина како човек, зашто беше и останува легенда на македонската драматургија. Голем и како човек кој фасцинираше, рече Иваноски.

Менче Караџоска, директор на прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ во чиј состав е прилепскиот театар, нагласи дека заслужените награди на секој начин се поврзани со великанот Стефаноски.

-Големо е задовоството што театарот го постигна овој успех, заслужено, и како што рече црногорскиот режисер Горан Булаиќ на разговорите на тркалезната маса по претставата, дека можеби токму оваа изведба на претставата „Љубовни пози на историјата“ ќе влезе во историјата зашто е прва постхумно изведена претстава по текст на Горан Стефановски, истакна Караџоска.

Претставата за војната, за последиците кај човекот и за неговата потрага по љубовта, имаше праизведба во 2014 година во Љубљана, Словенија, по повод стогодишнината од Првата светска војна. Пред две години, единствено во прилепскиот театар, беше поставена на сцената во Македонија. Лани беше одиграна во официјалната конкуренција за наградите на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

„Боинг Боинг“ го затвори годинашното издание на Меѓународниот театарски фестивал во Крива Паланка

Битолскиот театар со „Хамлет-денот на убиствата“ на фестивал во Полска

Премиера на комедијата „Жени во црвено“ во Македонија