Наместо за законски предвидените 12, пратениците, експресно, за 3 дена ја завршија пленарната седница и ги усвоија нацрт текстовите на четирите уставни амандмани.
Со утврдување на нацрт-амандманите, кои се согласно Договорот со Грција за решавање на спорот околу името во Собранието заврши втората и се чини најлесна фаза на уставните промени. Утре почнува 5-дневната јавна расправа, но и повторно маките на премиерот Заев да обезбеди 80 пратеници за да финишира промената на Уставот.
И ова ќе оди тешко, бидејќи сега се се условува со помирувањето или поконкретно со амнестијата за настаните на 27 април 2017. Осумте независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои го овозможија отворањето на Уставот, во оваа фаза гласаа воздржано и отворено условија прво помирување и простување, па потоа поддршка за третата фаза од менување на Уставот. Двотретинско мнозинство е неопходно и за носење на Уставниот закон.
Ова е нова главоболка за Заев зошто и неговите пратеници се незадоволни од амнестијата за „крвавиот четврток“. Особено по сведочењата, од кои јасно се слушна дека упадот не бил случаен, спонтан или наивен, туку прецизно бил организиран од Управата за безбедност и контраразузнавање. Било планирано по изборите да се упадне во зградата на ДИК и да фрлаат „молотови коктели“, а и се носело оружје за насилството во Собранието. Вознемирува и сведочењето дека се очекувало претседателот да прогласи воена состојба, дека веќе се распоредени војници за апсење на пратениците на СДСМ и коалицијата.
По овие сознанија, дел од пратениците, неофицијално, велат, дека внимателно ќе следат што ќе се случува и договара и каков епилог ќе излезе од работењето на трите работни групи за помирување, уставни измени и реформи. Дел од нив не се согласуваат злосторниците и организаторите, обвинети за уривање на уставниот поредок, да се спасат во име на каков и да е политички договор. Заев овој пат ќе треба да ги убеди 8-те пратеници, но и да придобие уште некој пратеник од ВМРО-ДПМНЕ за да може помирно да ја дочека средината на јануари наредната година, кога на тест ќе биде одлуката за уставни измени, кои се услов за ЕУ и НАТО и која е цената што ќе треба да се се плати за тоа.