Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски по денешната жрепка за квалификациите за Европското првенство 2020 година ги искажа своите видувања за шансите на „црвено-жолтите“.
Македонија е во групата Г заедно со Полска, Австрија, Израел, Словенија и Летонија.
– Добивме група во која се наоѓаат релативно израмнети репрезентации. Македонија влегува со нескриени амбиции, а притоа респектирајќи ги сите противници. Не стравуваме од никого и може да се спротивставиме на сите противници, само сплотено, тимски и со огромна поддршка од јавноста. Ние ќе одиме од натпревар во натпревар и се надевам дека ќе стигнеме до крајната цел, а тоа е пласман на Европското првенство, изјави Ангеловски.
Натпреварите ќе се играат во периодот помеѓу март и ноември 2019 година. Првопласираните две репрезентации ќе обезбедат пласман на ЕУРО 2020.