Сите заинтересирани граѓани, организации и институции, денеска ќе имаат можност да ја посетат компанијата УСЈЕ, да се запознаат со сите процеси во компанијата и да добијат одговори на сите прашања што сметаат дека се од нивен интерес.
На отворениот ден на Цементарницата е најавено присуство на заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.
Од Цементарница УСЈЕ наведуваат дека со внимание ја следат загриженоста на јавноста во врска со состојбите во градот Скопје и сметаат дека сите треба да дадат придонес во решението, особено во лоцирање на вистинските причинители, а податоците, како што истакнуваат, јасно укажуваат дека УСЈЕ не е причина за ваквите состојби.
Посочуваат дека работењето на компанијата се следи од Државниот инспекторат за животна средина кој редовно врши контроли на компанијата. Податоците од мерењата јасно укажуваат на фактот дека УСЈЕ во целост ги исполнува законски предвидените услови и емисиите се во просек неколку пати пониски од законски дозволените концентрации.
Операциите на Цементарницата, како што појаснуваат, се мониторираат 24 часа, 365 дена во годината и тоа преку независен мониторинг. Опремата со која се врши мониторингот е на производителот SICK – Maihak од Германија, а одржувањето и калибрацијата на инстументите го врши надворешна компанија, која има авторизација од производителот и е акредитирана од Институтот за стандардизација на Република Македонија (ИСРМ).
УСЈЕ од 2011 година има Интегрирана А еколошка дозвола со оперативен план од Министерството за животна средина и просторно планирање што гарантира строго почитување и имплементирање на сите законски обврски и континуиран независен мониторинг на сите активности на компанијата.
Сите податоци од мерењата се јавно достапни на страницата на Министерството и на интернет страницата на компанијата.