Тевдовски: Повисок економски раст, подобар живот и социјална правда со буџетот за 2019

Од:

Повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард на наелението, владеење на правото, повисоко ниво на социјална правда и зачленување во ЕУ, се приоритетите за наредната година што се потврдени во Предлог-буџетот на РМ за 2019 година.

Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдоски денеска образложувајќи го Предлог-буџетот за 2019 година пред матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет, додавајќи дека буџетот ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, односно проектите и мерките за постигнување повисок економски раст, подобар живот за граѓаните и повисоко ниво на социјална правда, но и определбата на Владата за ефикасно и домаќинско управување со народните пари.

Вкупните приходи на буџетот за 2019 година се планирани на ниво од 210,8 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 228,5 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит од 17,7 милијарди денари во апсолутен износ, односно 2,5 отсто од БДП, што е во согласност со Фискалната стратегија на РМ за 2019-2021 година. Ова според министерот, претставува намалување на дефицитот за половина милијарда денари, односно од 2,7 отсто од БДП во 2018 година.

-Намалувањето на дефицитот најдобро ја одразува определбата на Владата за постепена фискална консолидација, што ќе се постигне преку строга контрола и силна буџетска дисциплина при намалување на помалку продуктивните расходи, со истовремено обезбедување повисоки плати и поголема поддршка на домашната економија, како и средства за повисоко ниво на социјална правда, рече Тевдовски и додаде дека Владата е цврсто уверена оти овој пристап во крајна линија ќе обезбеди подобрување на економските перформанси и животниот стандард.

Тој оцени дека намалувањето на буџетскиот дефицит претставува најдобра потврда за домаќинско и одговорно работење, а не расипништво со народните пари како што беше пракса во минатото.

Проекциите за приходите на Буџетот за 2019 година се базираат на реализацијата на приходите во тековната година, на очекувањата за економските остварувања во идната година, како и на реформата кај персоналниот данок на доход и кај социјалните придонеси.

Даночните приходи за 2019 година се планирани во износ од 121,9 милијарди денари, вклучувајќи го и очекуваниот ефект од воведувањето на праведното оданочување од околу 1,5 милијарди денари. Социјалните придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско и за здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување се планирани во износ од 62,3 милијарди денари, каде се вклучени и очекувањата од реформите за постепено стабилизирање на пензискиот систем и обезбедување негова оддржливост.

Со Буџетот за 2019 година планирано е зголемување на стапката на придонес за пензиско и инвалидско осигурување за 0,4 процентни поен и зголемување на придонесот за здравствено осигурување за 0,1 процентен поен. Позитивните ефекти од порастот на придонесите во буџетите на соодветните фондови изнесуваат околу 1,1 милијарди денари. Дополнително на ова, планирани се мерки со цел решавање на проблемот со нееднаквоста на пензиите на сегашните и идните пензионери и решавање на проблемот со нерамноправна распределба на осигурениците во двостолбниот пензиски систем.

Вкупните расходи во Буџетот за 2019 година, планирани во износ од 228,5 милијарди денари, како што рече министерот, се во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски, поддршка на домашната економија, забрзување на инфраструктурните проекти, како и интензивирање на интеграциоските процеси за ЕУ и НАТО.

За тековните расходи се планирани во износ од 202,4 милијарди денари, наменети за редовна исплата на платите на вработените во јавниот сектор и нивно зголемување во последниот квартал од 2019 година за 5 отсто, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални надоместоци, исплата на субвенциите во земјоделството, како и засилена поддршка на малите и средните претпријатија.

Образложи дека расходите за исплата на плати се проектирани на ниво од 28,4 милијарди денари, каде се предвидени средства за покачување на платите за 5 отсто за вработените во буџетските корисници во последниот квартал од годината, односно почнувајќи со исплатата на септемвриската плата. – Ваквото зголемување, според министерот, се предлага со цел подобрување на стандардот на живот на вработените и зголемување на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи, особено во фаза на спроведувањето на преговорите околу интеграцијата во ЕУ и НАТО.

За стоки и услуги се предвидени 19,6 милијарди денари, со што ќе се обезбеди редовно и непречено подмирување на обврските на буџетските корисници, меѓу што е зголемувањето на средства за финансирање на здравствените програми, што е поддржано и со обезбедување на средства за бесплатно болничко лекување за одделни ранливи категории, зголемувањето на материјалните трошоци во Министерството за одбрана за приближување кон НАТО стандардите, како и обезбедувањето на средства за претседателски избори во 2019 година.

Тековните трансфери и субвенции се планирани на ниво од 145,2 милијарди денари. Социјални трансфери, проектирани на износ од 107,7 милијарди денари од кои 56,4 милијарди денари се за исплата на пензии, за исплата на паричен надоместок во случај на невработеност планирани се средства во износ од 1,4 милијарди денари, за спроведување активните политики и мерки за вработување планирани се 1,1 милијарда денари, за здравствена заштита се планирани 30,2 милијарди денари, во кои се вклучени финансирање на здравствените услуги, зголемување на платите на докторите специјалисти за 10 отсто почнувајќи од јануари 2019 година и за дополнителни 5 отсто почнувајќи со исплата на септемвриската плата во 2019 година, а предвидено е да се зголемат платите за 5 отсто на останатиот медицински персонал во јавните здравствени установи почнувајќи со исплатата на јануарската плата во 2019 година.

Тевдовски потенцира дека за обезбедување соодветно ниво на социјална заштита на најранливите слоеви на населението е од особена важност за постигнување на повисоко ниво на социјална правда. предвидени се 10,3 милијарди денари, во чии рамки е опфатена целосната реформа на системот за социјална заштита преку воведување гарантиран минимален приход, социјална пензија и образовен и детски додаток.

За поддршка на приватнито сектор преку разлини мерки се планирани 2,8 милијарди денари, за трансфери до ЕЛС 19,1 милијарда денари.

– За капиталните инвестиции издвојуваме значителен износ на финансиски средства во насока на поддршка на економскиот развој, утврдени на ниво од 26,2 милијарда денари, обезбедени од изворни буџетски средства, ИПА фондови и поволни кредити, рече министерот за финансии. Појасни дека за патна и железничка инфраструктура се планирани 5,2 милијарди денар, 5,5 милијарди денари за енергетска и комунална инфратруктура и управување со отпад, за ТИРЗ 631 милион денари, за здравственито сектор 1,3 милијарди денари, во образованието, детската заштита и спортот 2,8 милијарди денари, во земјоделскикто сектор се планирани инвестиции од 3,3 милијарди денари, во областа на правосудството 529 милиони денари.

Осврнувајќи се буџетскиот дефицит кој се намалува за половина милијарда, министерот рече тоа не значи само низок и опаѓачки дефицит, туку и вложување на јавните пари за подобрување на економијата и животот на граѓаните.

– Токму тоа го постигнуваме со Предлог-буџетот за 2019. Тој предвидува праведно оданочување и мерки за стабилизација на ПИОМ, при истовремено вложување во сите клучни сектори на општеството: интензивирање на процесот на интеграција во НАТО, со значително повисок буџет за одбрана и повисоки плати за вработените; повисоки плати за лекарите специјалисти и за целиот медицински персонал; повисоки плати во образованието и градинките; целосно реформиран систем на социјална заштита со минимален гарантиран приход, социјална пензија и образовен и детски додаток; историски највисоко ниво на средства за активни мерки за вработување и за поддршка и поттикнување на инвестиции; раст на платите на сите вработени во јавната администрација; како и амбициозен но реален план на јавни вложувања во инфраструктурата, потенцира Тевдовски.

Тој додаде дека вкупно ќе бидат потребни во 2019 година 34,2 милијарди денари кои ќе бидат обезбедени преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност. Посочи дека покрај средствата за покривање на дефицитот, ќе бидат потребни и 16,5 милијарди денари за отплата на стари долгови.

Задолжувањето во странство, како што рече, може да се реализира преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции наменети за финансирање на одделни проекти, како и преку заем за буџетско финансирање гарантиран од Светска банка, додека со задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност ќе се обезбеди дополнително финансирање под поволни услови, користејќи ги историски ниските каматни стапки и високиот интерес на инвеститорите.

Нето задолжувањето во 2019 година ќе изнесува 28,6 милијарди денари (9,2 милијарди денари нето-домашно задолжување преку државни хартии од вредност и 19,3 милијарди денари нето-надворешно задолжување). Со овие средства, ќе се покрие буџетскиот дефицит од 17,7 милијарди денари, а на сметка ќе се акумулираат 10,3 милијарди денари како депозит и дополнително ќе се отплатат 544 милиони денари структурни обврзници за денационализација.

Според министерот, особено значајно е да се знае дека во 2020 и 2021 година ќе имаме за враќање околу 835 милиони евра само по основ на три големи претходни задолжувања втора рата од PBG заем од 2013 година во износ од 155 милиони евра, евро-обврзница од 500 милиони евра издадена во 2014 година и остаток од еврообврзница од 180 милиони евра издадена во 2015 година, плус други отплати на долгови на домашен и странски пазар.

Според Предлог-буџетот за 2019 година се очекува домашната еконоија да има раст од 3,2 проценти. – Во домашната економија ќе продолжи силниот позитивен ефект на приватниот сектор, при дополнителен позитивен ефект од владините политики и мерки. Политичката стабилност, отворањето на евро-атлантските перспективи и враќањето на довербата кај инвеститорите се очекува да придонесат кон раст на приватните инвестиции, а дополнителен инпут кон инвестициите ќе има и забрзувањето на поголемите јавни инфраструктурни проекти, рече Тевдовски.

Предвидениот раст на економската активност се очекува да биде придружен со раст на вработеноста, поттикнат и преку активните мерки и програми за вработување, како и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места. Оттука, проекцијата за раст на бројот на вработени во 2019 година изнесува 2,1%, што ќе придонесе просечната стапка на невработеност да се намали на 20%. Просечниот раст на нето-платата во 2019 година се очекува да изнесува 4,5% на номинална основа.

Пред членовите на Комисијата се осврна и на движењата од оваа година, при што посочи дека заклучно со октомври годинава приходите и приливите се реализирани генерално во рамки на очекувањата, а плаќањат на расходите се реализирано навремено и редовно.

-Од јануари – октомври 2018 година, вкупните буџетски приходи се реализирани во износ од 153,7 милијарди денари, и се повисоки за 5 отсто во однос на истиот период од претходната година, првенствено како резултат на подобрата наплата на приходите од даноци и придонеси. Расходите во овој период се реализираа во износ од 159,7 милијарди денари и се за 1,3 отсто повисоки во однос на истиот период минатата година. Во периодот јануари-октомври 2018 година, остварен е дефицит на Буџетот на РМ во висина од шетст милијарди денари, што претставува 0,9% од БДП. Дефицитот е за 5,4 милијарди денари, односно речиси за половина понизок од остварениот дефицит во истиот период минатата година, рече Тевдовски.

Расправата во Комисијата по предложениот буџет трае 10 работни денови, по што предлогот се праќа на расправа на пленарна седница.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ е платформа за поврзување на регионот со светот

Николовски: Во Буџетот има помалку пари за земјоделците за 15% и 10 пати помалку пари за рурален развој

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Лефков: Во Буџетот за 2025 година 25 проценти повеќе пари за здравството од оваа година

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година