Општина Гостивар во соработка со Здружението на албански издавачи од Македонија денеска во спортската сала „Младост“ отвори „Саем на книгата Гостивар 2018“ кој ќе трае до 28 ноември.
Градоначалникот Арбен Таравари на отворањето рече дека очекува саемот да прерасне во традиција и упати покана до жителите на другите општини од западна Македонија да ја посетат манифестацијата.
– Идејата е да ги сензибилизираме, посебно младите луѓе, и да испратиме порака дека и покрај тоа што живееме во време на напредна технологија, читањето книга е незаменливо. Ги поканувам граѓаните да дојдат и да бидат дел од овој саем, кој првпат се организира под покровителство на општината, рече Таравари.
На саемот ќе се претстават петнаесетина издавачки куќи од Македонија и од Албанија, со книги на албански и на странски автори, современи и класични книжевни дела, стручна и научна литература и белетристика, лектири, енциклопедии и книги од областа на културата и уметноста.
Саемот ќе биде збогатен и со изложба на цртежи од деца, музичка програма за деца и класична музика.