Градоначалникот на Тихуана прогласи хуманитарна криза во пограничниот мексикански град и изјави дека побарал ОН да додели помош за пристигнатите околу 5.000 мигранти од Централна Америка..
Според градоначалникот Хуан Мануел Гастелум федералната влада дала недоволна помош и тој нема намера да троши од јавните ресурси на градот за справување со ситуацијата.
– Ние немаме доволно инфраструктура за да се грижиме за овие луѓе и да им дадеме простор, изјави денеска Гастелум.
Повеќето од мигрантите престојуваат на градскиот стадион. Ним им помагаат волонтери и од градските власти.
Гастелум ја критикуваше и мексиканската влада дека доволно не ја разбира заканата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе ја затвори границата ако проценат дека Мексико нема контрола врз ситуацијата во Тихуана.
За поголемиот дел од патот, мигрантскиот карван, кој го напушти Хондурас во средината на октомври, имаше добар прием во градовите низ кои минуваше. Но, на овие места, мигрантите останаа најмногу две ноќи, освен во главниот град Мексико. Меѓутоа, во Тихуана, мигрантите што бегаат од насилство и сиромаштијата во својата татковина сакаат да се засолнат во САД. Тоа значи дека тие веројатно ќе останат во пограничниот град неколку месеци пред да имаат можност да разговараат со американски претставник.
Градоначалникот се пожали дека во градот пристигнале 20 тони федерална помош, но три четвртини од нив биле материјални за зајакнување на границата, а само пет тона биле наменети за мигранти.