Советот за реформа во пензискиот систем одржа седница на која ги поддржа предложените измени и дополнувања на Законот за пензиско и инвалидско осигурување и Законот за задолжително капитално пензиско осигурување.
„Како што ветивме овие интервенции ги правиме без да ја зголемиме старосната граница за пензионирање. Пензиите остануваат сигурни и продолжуваат да се усогласуваат двапати годишно. Предложените корекции во пензискиот систем се поддржани и позитивно оценети и од Светска банка и ММФ“, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во рамки на денешниот работен состанок.
„Ваквите законски измени се неопходни за да се стабилизира дефицитот на Фондот на ПИОМ, кој е последица од штетни законски решенија и погрешните политики во минатото. Целта на предложените измени е да се постигне одржливост на пензиите, нивна целосна и навремена исплата за сегашните и идни генерации, како и заштита на членовите во двостолбниот пензиски систем“ велат од министерството за труд и социјална политика.
Советот заклучи дека е неопходно идната година да се направат дополнителни анализи и во иднина да продолжи подобрувањето на капиталното пензиско осигурување.