Карим Бензема ја игра својата деветта сезона во Реал Мадрид. Многумина се сомневаат во квалитетите на францускиот напаѓач, но тој продолжува речиси една деценија да го предводи нападот на еден од најголемите клубови во Европа. Во моментов тој е играч со најмногу погодоци во Ла Лига за „белите“ од почетокот на сезоната – пет.
Досега Бензема постигна 202 гола во 430 натпревари за „кралскиот“ клуб во сите турнири.
– Се чувствувам добро. Среќен сум меѓу колегите на теренот. Да постигнувам и да давам асистенции секогаш ме тера да се чувствувам среќен. Секогаш сум имал големи амбиции. Ова е многу важна година за нас. Во моментов сме силни и играме како тим. Секогаш сум сакал повеќе и повеќе голови. Реал е најдобар клуб во светот и секогаш се бара многу од нас. Од напаѓачите најмногу. Претходно го имавме Кристијано, сега – не. Јас сепак сум подготвен за оваа поголема одговорност, која паѓа врз мене, изјави Французинот за клупската телевизија на Реал Мадрид.
Тој додаде дека ќе се обиде во оваа сезона да постигне многу голови.
– Веќе постигнав 200 голови за клубот. Кога ќе се свртам назад и ќе видам што сум направил, се чувствувам задоволен и горд. Најважно е секогаш да сум мотивиран. Ми се допаѓа бројот 35 – сакам да постигнам 35 голови оваа сезона, изјави Бензема.