Влезот на азилантот Никола Груевски во Унгарија сè уште е спорен за тамошниот Хелсиншки комитет. Од таму велат дека според законите, унгарските власти може да дозволат пристап до територијата на Унгарија со посебна дозвола, но додаваат дека тие досега не виделе случај каде што дозволата ја издава унгарската амбасада за некое лице да аплицира за азил. Золтан Сомоѓвари од Хелсиншкиот комитет на Унгарија вели дека влезот на Груевски во земјата бил легален благодарение на унгарските власти, што значи дека тие му помогнале на експремиерот на Македонија.
„И покрај тоа што пасошот му беше одземен, врз основа на одлуката на министерот за внатрешни работи, тој влегол во Унгарија со патен документ кој му овозможил еднократен влез. Според сегашното законодавство на Унгарија за азил, Груевски морал да докаже дека Албанија, Црна Гора и Србија, низ кои транзиритирал, не можеле да му обезбедат соодветна заштита. Тој очигледно успеал да ја убеди Канцеларијата за имиграција и азил дека овие земји не се безбедни за него“, вели Сомоѓвари за „Макфакс“.
Хелсиншкиот комитет вели дека не познава друг барател на азил кој бил успешен во докажувањето дека транзитните земји, особено Србија, не му обезбедиле соодветна заштита. Сомоѓвари дава и еклатантен пример за тоа како жена, која била силувана во Србија, не можела да добие азил во Унгаријa бидејќи Србија се смета за безбедна транзитна земја.
„Имаше случај кога авганистанска државјанка бараше азил во Унгарија бидејќи, додека транзитирала низ Србија, таа била силувана. Српските власти не можеле да ја заштитат. И поракај ова, Канцеларијата за имиграција и азил во Унгарија заклучи дека таа треба да аплицира за азил во Србија бидејќи е безбедна земја и притоа нема потреба од приоритетен (ВИП) третман“, додава Сомоѓвари.
Хелсиншкиот комитет на Унгарија вели дека според сите информации што ги имаат, Никола Груевски не ги исполнувал ниту условите за добивање приоритетен, односно ВИП-третман на бегалец. Законот за азилот на Унгарија има неколку кретириуми што треба да се исполнат за Груевски да биде третиран на овој начин.
„Лица подобни за добивање приоритетен третман се малолетници без придружба или ранливи лица, како малолетници, стари лица, лица со посебни потреби, бремени жени, самохрани родители со малолетни деца и лица што биле изложени на тортура, силување или други сериозни форми на психолошко, физичко или сексуално насилство, и тоа доколку се утврди дека имаат посебни потреби по индивидуална процена на нивната ситуација, стои во унгарскиот Закон за азилот донесен во 2007 година.
Како ВИП-барател на азил, чиј влез и престој бил легализиран од унгарските власти, Груевски имал право да биде сместен на место по негов избор, да добива посебна бесплатна грижа и медицинска нега, како, на пример, психотерапија, рехабилитација и друго.
Кристијан Ландов