Да покажеме дека ги почитуваме правата на децата и да им дадеме до знаење колку се тие важни за општеството, за неговиот просперитет и развој, повика Народниот правобранител по повод светскиот Ден на детето 20-ти септември.
Светскиот ден на детето годинава се одбележува во знакот на сината боја. По тој повод, се вели во соопштението од Народниот правобранител, сите денеска да облечеме сина маица, син беџ или мал син детаљ, со што ќе покажеме дека ги почитуваме децата.
– Да покажеме дека ги почитуваме нивните права: Да одат на училиште и таму да бидат безбедни, Да учат, Да имаат слободно време, Да учествуваат во донесувањето на одлуките кои се однесуваат на нив, Да се чувствуваат како дел од заедницата, семејството, Да научат да разговараат, Да си простуваат, Да сакаат и Да бидат сакани. Со еден збор да им дадеме до знаење колку се тие важни за општеството, за неговиот просперитет/ развој, се вели во соопштението од Народниот правобранител.
Но, и да им покажеме дека секогаш сме тука да им помогнеме и да ги заштитиме, особено денес во ерата на масовното ширење на социјалните медиуми, кои имаат и позитивно, но и негативно влијание врз нив. Да ги научиме како да ја користат оваа нова алтка за комуницирање, но и како да ги спознаат опасностите кои ги демнат.
Народниот правобранител, исто така, потсетува на важноста на процесот на воспитување на децата, од нивното вклучување во сите текови на општеството, од потребата за нивна заштита од насилството како во училиштата, така и во семејството, затоа што само здрава изградена личност може да создава здраво, демократско толерантно општетство.