Стотици жители на мексиканскиот град Тихуана вчера одржаа протестен митинг против ијладниците централоамерикански мигранти, кои се наоѓаат таму со надеж за нов живот во САД.
Затегнатоста во градот, кој се наоѓа до границата со САД, се зголеми со пристигнувањето на околу 3.000 мигранти во последните денови. Федералната Влада смета дека нивниот број може да достигне 10 илјади.
Американските гранични власти дневно обработуваат само околу сто молби за азил на граничниот пункт „Сан Исидро“ меѓу Тихуана и градот Сан Диего во Калифорнија.
Незадоволни жители на Тихуана вчера носеа мексикански знамиња, пееја национални химни и извикуваа „надвор“.Тие ги обвинија мигрантите дека се валкани, неблагодарни и претставуваат закана за Тихуана. Демонстрантите, исто така, изразија загриженост дека нивните даноци ќе бидат потрошени за грижа за мигрантите.
Во меѓувреме, околу 200 мигранти, кои сакаат да влезат во САД без виза, и покрај заканите дека ќе бидат вратени, формираа нов караван во Централна Америка, овој пат во Салвадор, од каде тргнаа вчера.
Миграните, кои велат дека бегаат од криминалот и сиромаштијата во родната земја, се собраа на плоштад во главниот град Сан Салвадор, од каде со три автобуси се упатија кон соседна Гватемала. Меѓу нив имало и многу семејства со деца.
На 13 октомври илјадници жители на Хондурас се упатија кон САД. Тие се собираат во мексиканскиот град Тихуана на границата со САД, но речиси немаат никаква шанса да ја преминат. На нив им се придружија и други мигранти, најмногу од Салвадор.