Цената на бензините од полноќ ќе се намали за четири и пол денари, на дизелот за три денари, а на екстра лесното гориво за 3,5 денари, најави претседателот на Регулаторната комисија за енергтеика Марко Билсимовски.
– Денеска имаме едно од најголемите намалувања на цените на бензините и дизелот од кога постои Регулаторната комисија за енергетика. Тоа не е наша заслуга, ниту претходно по наша заслуга или вина беше зголемувањето на цената на горивата, едноставно такви се трендовите на берзата за нафта. Ние само ја применуваме методологијата која што е дел од купопродажниот договор за ОКТА ратификуван од Собранието во 1999 година, изјави Бислимовски.
Со одлуката се врши намалување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 7,93, односно за 5,54 отсто.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, се намалува за 4,5 денари за литар и ќе изнесува 67 денари, бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 поевтинува за четири денари и ќе чини 69 денари за литар. ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за три денари и ќе се продава за 64,5 денари залитар, додека цената на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 3,5 денари по литар и ќе чини 53 денари.
Со одклуката на РКЕ за 2,281 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и сега ќе изнесува изнесува 35,133 денари за килограм.