Холандската Влада денеска соопшти дека предложила привремен азил за адвокатот кој помогна за ослободување на Асиа Биби, христијанката која во Пакистан беше осудена на смрт за богохулење.
На Сајфул Малок, адвокатот на Биби, му е понудена можност да престојува во Холандија неколку месеци, изјави претставник на Министерството за надворешни работи.
Малок пристигна во Холандија во саботата, откако беше принуден да го напушти Пакистан поради закани за неговиот живот.
Биби синоќа беше ослободена од затвор, и во моментов е на безбедна локација во Пакистан. Според некои извори, таа се наоѓа во Исламабад.
Асиа Биби, неписмена мајка на пет деца, беше во затвор осум години откако беше осудена на смрт поради навреда на исламскиот пророк. Пакистанскиот Врховен суд неодамна ја ослободи Асиа што предизвика големи протести што ги организираа тврдокорни исламистички групи кои бараат таа јавно да биде обесена.
Биби, 51-годишна жена земјоделец, беше обвинета за богохулење по несогласување со нејзини колеги муслимански работници околу вода за пиење. Биби наводно го навредила пророкот Мухамед откако нејзините колеги, со кои берела бобинки, одбиле да пијат од водата што таа ја носела, тврдејќи дека е валкана затоа што е христијанка. Тие потоа ја обвинија дека го навредила пророкот Мухамед, обвинение кое таа го негираше. Но, сепак, во 2010 година Биби беше обвинета и осудена на смрт.
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Матео Салвини вчера изјави дека ќе направи „сè што е човечки можно“ за да обезбеди сигурност на Биби во неговата земја или во други европски земји. И други западни земји му понудија азил на семејството Биби, но сите се многу внимателни затоа што стравуваат од реакции против нивните дипломати во Пакистан.
Властите потоа соопштија дека Биби не може да го напушти Пакистан затоа што е поднесена петиција за ревидирање на судската одлука, која ја организирал адвокат радикален исламист.