Русија побара од Советот за безбедност на Обединетите нации денеска на затворена седница да расправа за санкциите кон Северна Кореја, соопштија дипломатски извори.
Русија го поднесе барањето вчера, откако САД соопштија дека закажаната средба меѓу американскиот државен секретар Мајк Помпео и претставници на Северна Кореја е одложена.
Кинеското Министерство за надворешни работи минатиот месец соопшти дека Кина, Русија и Северна Кореја сметаат дека „во соодветен момент неопходно е да се корегираат санкциите на ОН кон Северна Кореја“.
Си-Ен-Ен повикувајќи се на добро упатени извори јави дека преговорите за отстранување на нуклеарното оружје од Корејскиот Полуостров влегле во безизлезна ситуација, бидејќи двете страни не се подготвени да направат отстапки.
Севернокорејските власти се лути што САД не сакаат да ги намалат санкциите кон Пјонгјанг со цел да го стимулираат процесот на преговори.
Вашингтон, од своја страна, очекува Северна Кореја да преземе посериозни чекори за отстранување на нуклеарното оружје од тоа што досега беше понудено.