Четири големи компании ќе инвестираат во Демир Капија. Ќе почнат со работа следната година.Од нив, три ќе бидат за одгледување и преработка на марихуана за медицински потреби, а ќе има и една фабрика за природно ѓубриво. Се очекува со реализацијата на овие инвестиции да се отворат минимум 200 нови работни места во општината.
За ова информираше градоначалникот на Демир Капија Лазар Петров, во неговиот отчет за сработеното во изминатиот период. Тој нагласи дека за една година, посветиле големо внимание на привлекување на нови инвестиции.
Асфалтирање на регионалниот пат до село Клисура во должина од 1 километар со кое е опфатена и улицата „Наум Наумов”, како и на регионалниот пат Демир Капија – Неготино кој минува низ село Бистренци со должина од три километри, тампонирање на улиците во селата Бистренци, Корешница и Прждево со вкупна должина од 7 километри, изградба на канализациона мрежа во село Чифлик во должина од 500 метри, се само дел од реализираните проекти на кои се осврна градоначалникот на Демир Капија Лазар Петров, по една година од неговиот мандат.
– Набавени се 35 поцинкувани контејнери за комунален отпад, како и 920 пластични канти, а ќе бидат распределени низ целата општина. Во тек е и проект за изградба на нов резервар за вода од 200 кубни метри за водовод во селото Корешница, чија цел е обезбедување на почиста вода за пиење на месното население. Таму реконструирано е и подрачното училиште. Одобрен е и проект за адаптирање на веќе постоечки простории за детска градинка, чија реализација ќе започне на почетокот од 2019 година, рече Петров.
Тој информираше дека е добиен проект за создавање услови за ново сообраќајно поврзување со автопатот Е-75, преку доизградба на анекс на клучка во соработка со Центарот за развој на Вардарски плански регион, во износ од 5.436.069 денари. Соопшти и за проект за изградба на авантуристички парк Демир Капија, кој ќе придонесе за промовирање на општината како туристичка дестинација во регионот, за што веќе е аплицирано и се очекува одобрување.
– Општина Демир Капија редовно им помага на своите сограѓани кои припаѓаат на социјално ранливи категории. Тука би го споменал и дванаестчленото семејство Алимови од селото Бистренци за кое се гради семејна куќа, хумана активност во која се вклучија сите институции и голем број на наши сограѓани. Ваквото сплотување на нашите хумани сограѓани направи да се чувствувам среќен „татко на градот“, додаде Петров.
Како што нагласи, за една година успеал да врати 21.525.000 денари од постоечкиот долг. – По извршената финансиска ревизија беше утврдено дека покрај реалните побарувања, општината има превземено и многу нереални обврски. Обврски кон добавувачи 47.376.910,00 денари, кон вработени по основ на плати и надоместоци за плати 2.679.177,00 денари, по основ на неисплатени хонорари за членови на Совет 962.504,00 денари, кон физички лица за експропријација на недвижности во вкупен износ од 929.670,00 денари, обврски по основ на позајмица од Влада на износ од 2.000.000,00 денари, соопшти градоначалникот.
При извршеното ревидирање на некои од веќе реализираните проекти и проекти чија реализација сеуште трае, дошол до сознанија дека за ниту еден од нив не е отпочната исплата.
– Од увидот во релизираните проекти како што е изградба на градски плоштад и улично осветлување, чија вредност изнесува 38.162.004,00 денари , дојдов до констатација дека отплатата треба да започне во 2019 година, на исплатата и претходел грејс период . На сличен начин е отпочната и реконструкцијата на домот на културата „Мирка Гинова“, проект чија вредност изнесува 30.000.000,00 денари, а чија реализација е во тек. Јас имам должност да ви ги предочам сите овие факти бидејќи голем дел од овие проекти се реализираат со народни пари и никој нема право да си препишува заслуги, а притоа да ги одлага обврските кои произлегуваат од самата реализација на проектите. Никој нема право да го отуѓува општинскиот имот на своја рака, а уште помалку да го присвојува истиот, нагласи градоначалникот.
Законите, додава, треба да важат за сите подеднакво. Секој оној кој се огрешил пред законот мора да одговара без оглед на тоа дали е функционер или не.