Бројот на мигранти кои го преминале Медитеранот за да стигнат до Европа годинава се зголеми на околу 100.600 луѓе, објави денеска Меѓународната организација за миграција (ИОМ).
Ова ја прави 2018 петта година по ред, во која пристигнувањата се над бројката од 100.000 мигранти, соопшти организацијата на ОН во Женева.
Сепак, бројот е значително помал од минатата година, кога во истиот период од јануари до почетокот на ноември до јужните европски брегови стигнале околу 154.800 луѓе.
Шпанија примила речиси половина од сите мигранти годинава, со што ја замени Италија како главна дестинација.
Од почетокот на годинава најмалку 1.989 луѓе ги загубија своите животи обидувајќи се да го преминат Средоземното Море, соопшти ИОМ.
Во регионот на источниот медитеран меѓу Турција и Грција, една четвртина од смртните случаи биле деца.