Би било почесно да им се стави крај на преговорите за членство помеѓу ЕУ и Турција и двете страни да се фокусираат на она што е изводливо, рече еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во интервју за весникот „Ди Велт“.
– Сметам дека на долг рок би било почесно за ЕУ и Турција да тргнат по нов пат и да ги прекинат преговорите за членство. Но, одлуката, се разбира, им припаѓа на земјите членки. Членството на Турција во ЕУ не е реалистично во догледна иднина, кога ги гледам изјавите на францускиот претседателт Емануел Макрон, и расположените на луѓето во многу земји членки, истакна Хан.
Според него, држењето до пристапните преговори оневозможува изнаоѓање на друг вид на стратешко партнерство меѓу двете страни и покрај тоа што Турција се повеќе се оддалечува од стандардите на ЕУ.
Хан оценува дека дијалогот со Анкара треба да продолжи и тој ќе отпатува таму во средината на ноември.
Според Хан, Брисел и Анкара треба да се фокусираат на изводливи и стратешки теми.
– На пример во областа на енергијата, борбата против тероризмот, миграцијата, меѓународната соработка за реконструкција на Сирија и трговските односи. Проширувањето на царинската унија е конкретен проект кој би им донел бенефит на сите. Треба наскоро да го отвориме прашањето за царинската унија, истакна Хан.