РКЕ работи по математички одредена методологија и не може да влијае на цената на нафтените деривати

Од:

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) регулира, контролира и мониторира бизнис од 2,5 милијарди евра на годишно ниво, но нема никакво влијание врз малопродажната цена на нафтата и нафтените деривати. Нити има вина кога се зголемува, ниту, пак, има заслуга кога поевтинува цената, оценува претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

РКЕ, потенцира, ја одредува цената на нафтата и на нафтените деривати по точно определен математички модел и нема никакво субјективно влијание врз висината на поместувањето на цените на одделните нафтени деривати. Најголемо влијание врз цената од над 60 отсто има курсот на доларот во однос на денарот по што следи берзанската цена на суровата нафта на светскиот пазар.

-РКЕ на секои 14 дена ги утврдува највисоките рафинериски малопродажни цени на нафтените деривати формирани според Методологијата што е дефинирана во Анексот Д од Договорот за купопродажба на акции и за концесија на Рафинерија АД „ОКТА“ – Скопје, потпишан помеѓу Владата и акционерското друштво „ЕЛ.П.Е.Т. –Балканике“ како стратешки инвестиитор. Оваа методологија претставува математички модел што сам ги исфрла цените, со што прецизно е утврдена постапката за формирање на рафинериските цени на нафтените деривати, појаснува Бислимовски и посочува дека РКЕ нема никакво влијание врз примената на методологијата и само ги вметнува податоците за цената на суровата нафта, курсот на доларот и давачките.

Методологијата, прецизира, се заснова на просечната цена на суровата нафта од типот „Брент“ на Лондонската берза, како и движењето на референтните цени на одделни нафтени деривати, објавена во берзанскиот извештај Platt’s Crude Oil Spot Price во изминатиот 14-дневен период и просечниот курс на доларот во тој период.

-Во формирањето на рафинериските цени на нафтените деривати во предвид се земаат и трошоците за дотур на суровата нафта до рафинеријата, трошоците за процесинг на нафтата во рафинеријата, односно вредноста на манипулативните трошоци, трошоците за транспорт, осигурување, царински давачки, шпедиција, банкарски провизии, трошоци за испитување на квалитетот на суровата нафта, како и рандманот на производство на нафтените деривати во ОКТА, посочува Бислимовски и појаснува дека РКЕ всушност ја пресметува производната цена на ОКТА.

Во структурата на малопродажните цени на нафтените деривати, додава, покрај рафинериската цена на ОКТА, што се пресметува согласно методологијата, влегуваат и трговската маржа, трошокот за превоз, акцизата за нафтени деривати, ДДВ, еколошката такса и надоместокот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати во чие утврдување РКЕ воопшто нема никакво влијание.

-Ние не сме страна во договорто за купопродажба на ОКТА, дури и не можеме да го објавуваме договорот, вели Бислимовски.

РКЕ нуди четири цени, но трговците секогаш ја избираат највисоката

Регулаторната комисија за енергетика при пресметките секогаш нуди четири цени за нафтените деривати.

-Кога носиме одлуки за цени секогаш даваме четири цени, максималната и уште три цени намалени за 0,5 денари, но во принцип најголем дел од трговците со нафта и нафтени деривати се држат на максималната цена. Имаше само краток период кога Макоил се обиде да работи со пониска цена, посочува Бислимовски.

Во последниов период, потенцира, се говори дека во 2008 година кога нафтата на светскиот пазар била поскапа имало приближно исти цени на нафтените деривати како сега.

-Главна причина за тоа е што РКЕ тогаш определувала цени за бензини и дизел по стандардот D3 и D4. Во 2009 година тоа е укинато и ние сега определуваме цени за стандардот D5 чие производство е поскапо и заради тоа сметаме дека не е во ред да се споредуваат горива со различен квалитет. Тие што биле до 2008 година биле со многу понизок квалитет и концентрацијата на сулфур им била многу повисока. Оние што сега се произведуваат се со многу пониска концентрација на сулфур и поради тоа производниот трошок за нив е нешто повисок, посочува Бислимовски.

Историски највисока одлука, додава, има донесено на 7 јули 2008 година кога цената на Брент нафтата изнесувала речиси 140 долари за барел, а курсот на доларот бил 39,116 денари. Сега е околу 53 денари.

-Тренд на пораст на цените на нафтата на берзите имало и во 2012 година. После воведувањето на стандардот D5 на 12 март 2012 година имаме определно цена од 86 денари за ЕУРОСУПЕР БС-95, а ЕУРОДИЗЕЛОТ БС (DE V) бил утврден на износ од 75,5 денари за литар. Тогаш цента на суровата нафта била околу 140 долари, а курсот на доларот 46,18 денари, вели Бислимовски.

РКЕ во 2019 година ќе носи нова методологија за формирање на цената на нафтените деривати

Регулаторната комисија за енергетика во јули идната година, кога истекува договорот за купопродажба на ОКТА, ќе носи нова методологија за пресметка на цената на нафтените деривати.

-Со новиот Закон за енергетика е утврдено дека РКЕ треба да донесе нова методолгија бидејќи нема повеќе да можеме да ја применуваме постојната зашто завршува договорот со ОКТА, а и нема да има потреба да определуваме рафинериска производна цена. Повторно влијание ќе имаат цената на суровата нафта на светскиот пазар и курсот на доларот, но ќе гледаме во делот на транспортните трошоци дали ќе работи нашиот продуктовод или не, исто така ќе треба да ги разгледаме и маржите кои треба да им ги обезбедиме на трговците, бидејќи овие што сега се применуваат се од 1995 – 1996 година, вели Бислимовски.

По завршувањето на договорот, посочува, постои и можност за целосна либерализација на цената на нафтените деривати како што е во соседните земји, но тоа според него може да доведе до ценовен шок.

-Јас сум поборник за постепена либерализација на пазарот на нафтени деривати. Треба да одиме чекор по чекор, да видиме како ќе се движиме со новата методологија, а понатаму да дадеме простор и за либерализација. По една тврда регулација, како што е сега кај нас, кога едно државно тело кажува каква да биде цената, многу е тешко одеднаш да кажеш одете на слободен пазар, вели Бислимовски.

Македонија со речиси најниски цени на нафтените деривати во Европа

И покрај воведувањето на акциза за дизелот од три денари од страна на Владата, Македонија според анализите што сме ги правеле се уште е една од земјите со најниска цена на акцизата за дизелот. Последните поскапувања и поевтинувања на дизелот покажуваат дека земјава се движи кон светскиот тренд – цената на дизелот да биде речиси иста со цената на бензините, оценува претседателот на РКЕ.

-Од регионот нешто поевтина цена на бензините има во Босна и Херцеговина, но таму се со понизок стандард од кај нас, а дизелот е скоро со иста цена како кај нас, иако не е со стандардот Д5, вели Бислимовски.

Според последните публикации на https://ec.europa.eu од 22 октомври 2018 година просечната цена на бензините во Македонија е 1,2 евра, а на дизелот 1,118 евра. Пониска цена од земјава имаат само Андора, Босна и Херцеговина, Русија и Украина.

Во Андора цената на бензинот е 1,190 евра, а на дизелот 1,040 евра, во Босна и Херцеговина има иста цена на бензинот и на дизелот од 1,181 евро, во Русија цената на бензинот е 0,597 евра, а на дизелот 0,596 евра, додека во Украина бенизнот се продава за 0,965, а дизелот за 0,899 евра за литар.

Би можело да ве интересира

Стојановски: Се очекува утре изутрина да има нормализиран автобуски превоз во Скопје

Горан Наумовски

Поскапува дизелот, цената на бензините останува иста

Цените на нафтата скокнаа за над 8 отсто минатата недела поради ескалацијата на Блискиот Исток

Скокна цената на нафтата поради изјавата за нападот на Иран на Израел

Катерина Ѓуровски

Поевтинува мазутот

Поевтинуваат бензините и дизелот