Официјална Тирана ја поздрави историската средба на претседателите на Косово и на Србија, Атифете Јахјага и Томислав Николиќ одржана вчера во Брисел, со посредство високиот претставник за надворшна политика на ЕУ, Кетрин Ештон, јави дописникот на МИА од Тирана.
За шефот на албанската држава, Бујар Нишани, таа претставува значаен чекор напред кон нормализацијата на односите на двете држави.
– И покрај тоа што средбата беше симболична, сепак таа преставува силна порака за поддршка за конструктивниот дијалог меѓу Косово и Србија со поддршка на ЕУ и САД, стои во соопштението од претседателскиот кабинет.
Во соопштението се нагласува дека само со дијалог, разбирање и соработка може да се решат проблемите меѓу Косово и Србија, а градењето на мирот, стабилноста и добрососедските односи во регионот ќе придонесат за интегрирање на западен Балкан во ЕУ и северно- атлантските структури.
Албанскиот премиер Сали Бериша средбата која ја нарекува вистински историска ја поздравиле сите Албанци. Според него, овој преземен чекор значи де факто признавање на Косово од страна на Србија. Тој преку социјалната мрежа Фејзбук до сите пријатели пишува дека средбата е вистинска историја.
– Претседателка на независна држава, претседателката на Република Косово, Атифете Јахјага, во седиштето на ЕУ се сретна со претседателот на Република Србија, Томислав Николиќ, со посредство на високиот претставник за надворшна политика на ЕУ, Кетрин Ештон. Тие разговараа за односите меѓу нивните две суверени земји. Јас ве повикувам да ја поздравите оваа вистински историска средба, која, де факто, значи признаваме на Косово од Србија. Бог да го благослови Косово, – пишува Бериша на социјалната мрежа Фејзбук. Средбата ја поздравија и лидерите на други политички партии во Тирана.