„Зошто го сакам Карпош? Епа дека мора, јас не можев да бирам, што да правам! Тука си живеам од мала и за ништо не би го менувала“. Со оваа мала шала на Гала, ученичка од „Лазо Трповски“, учениците од сите десет училишшта на Карпош на најкреативен начин и го честитаа роденденот на својата Општина на традиционалната манифестација „Карпош има талент“.
А Карпош има многу таленти и талентирани ученици. со кои може да се гордее. Тоа го покажаа денес, но сепак најдобрите од нив со себе понесоа врвни признанија. и парични награди.
Комисијата која требаше да ги одбере најдобрите настапи на основците од десетте училишта од Карпош имаше навистина тешка работа. Сепак, првото место, сосема заслужено го освоија ученичките од ООУ „Вера Циривири Трена“, Ана Петковска, Лина Лозаноска и Ања Симоноска со професионалната хип-хоп изведба на микс од светски хитови.
Втората награда, со овации ја понесе четвртооделенката од ООУ „Лазо Трповски“, Гала Пановска со стенд ап настапот – „Мојот живот“ на текст и под менторство на педагогот Рената Поповска, а третата награда им припадна на Луна Танев и Мирјана Штерјовски од ООУ „Петар Поп Арсов“ за музичката изведба „Не сум твој тип“ од групата Duper. Оваа година талентите од Карпош добија навистина вредни награди и тоа 15.000 денари за освоено прво место, 10.000 за второ и 5.000 денари за третопласираните.
Освен тоа, беа доделени награди и за проектот „Зелени стапалчиња“ од Креативен центар Карпош кој го водеше Александра Блажевска, професор по хемија во ООУ „Јан Амос Коменски“, во соработка со германската алијанса Climate alliance и со Министерството за животна средина и просторно планирање, а поддржан од Општина Карпош. Во него учествуваа сите десет училишта, а најдобрите пет од нив добија подарок по еден велосипед.
Сите награди на најталентираните ученици и на најдобрите екологисти им ги врачи градоначалникот на Карпош Стефан Богоев, кој вети дека и во иднина, Општина Карпош сесрдно ќе ги поддржува талентите во сите области.