Компанијата „W Motors“, и покрај цената од 3,4 милиони долари, до сега има примено повеќе од 100 порачки за нивниот суперавтомобил „Lucan Hypersport“.
Судејќи според почетниот интерес на купувачите, што далеку го надминува проектираното производство од само седум примероци, моделот „Lucan Hypersport“ ќе биде вистински продажен хит.
Претседателот и извршен директор на компанијата „W Motors“,Ралф Дебас, изјави дека предност кај испораката на првите неколку автомобили ќе имаат купувачите од Блискиот исток, иако до сега порачки стигнале и од Русија, Кина, САД.
Тој потврди дека дефинитивно ќе бидат направени повеќе од планираните седум автомобили.
Моделот „Lucan Hypersport“ прво ќе почне да се изработува во Торино. „W Motors“ планира подоцна производството да го премести во Дубаи, Абу Даби или Доха.
Блискоисточниот суперавтомобил, што привлече големо внимание кај богатите купувачи ширум светот, беше претставен на крајот на јануари 2013 година на салонот на автомобили во Катар.
Опремен е со мотор со 750 КС, од 0 до 100 километри на час стигнува за 2,8 секунди, а неговата максимална брзина изнесува 395 километри на час.