Претседателката на ССНМ, Тамара Чаушидис си заминува од функцијата, откако два мандата беше на оваа позиција. Нејзиниот втор мандат истекува до следното Собрание на Синдикатот, кое е закажано за 17 и 18 ноември.
Таа денеска во соопштение до медиумите информира дека на следното Собрание на Синадикатот се повлекува како претседател.
-Ве информирам дека на следното собрание на ССНМ јас се повлекувам како претседател и давам неотповиклива оставка. Сметам дека со оглед на тоа што сум на чело на синдикатот од самото негово основање, по осум години и формално и природно мојот мандат завршува.
Нашиот статус не дозволува подолг мандат за претседателот и тоа заеднички го усвоивме како став токму за да се избегне ситуација во која некој би можел да ја присвои организацијата. Продолжувањето на мојот мандат би било контрапродуктивно. Многу е важно ССНМ да опстане и да функционира со ново раководство и со нови луѓе, кои сигурна сум ќе дадат свој печат и ќе отворат патишта кои што јас не успеав да ги трасирам. Затоа ве повикувам да се охрабрите и да се кандидирате за местото претседател на ССНМ, нагласува таа во соопштението.
Вели дека заминува со измешани чувствува. Од една страна со гордост за се што досега е постигнато, но и со жал за грешките, што биле направени во процесот на осумгодишното работење на синдикатот.
-Заминувам со измешани чувства. Од една страна горда сум на се што постигнавме. Од спонтана и ентузијастичка иницијатива на група новинари за овие осум години станавме релевантна новинарска организација која, без лажна скромност, беше постојано на барикадите во борбата за социјална правда, слобода на изразување и достоинство на професијата. Се надевам дека таа вредност и натаму ќе биде клучна за ССНМ.
Благодарна сум на сите кои постојано или во одреден дел од патот се вложија во формирањето и растењето на ССНМ, нагласува таа.
Истакнува дека ова било заеднички потфат и сите, а особено членовите на Извршните одбори од првиот до последниот состав, беа активистички столб без кој синдикатот немаше да опстане.
-Истовремено, жалам за грешките кои неминовно сме ги направиле, од неискуство, незнаење или погрешна проценка и се надевам дека тоа искуство ќе ни помогне во иднина да не ги повторуваме и да останеме доследни на идејата за борбен и активистички синдикат што не прави компромиси и не калкулира со сопствениот комфор кога се во прашање вредностите на професијата, нагласува таа во соопштението.
Чаушидис додава дека за слободата и положбата на новинарите и медиумските работници работата никогаш не е завршена.
-Пред ССНМ престои период на нови предизвици, јас останувам подготвена да помогнам, но време е за нови луѓе, вели таа.