Младите се едни од најранливите категории лица чии работнички права се кршат во пракса. Тие најчесто работат со договори на определено време, работат подолго од договореното и примаат плата пониска од онаа на вработените на неопределено време, велат од Секцијата на млади при Сојузот на синдикати на Македонија кои денеска заедно со Фондацијата „Фридрих Еберт“ организираа конференција за младите и синдикалното организирање.
Податоците кои беа презентирани на конференцијата покажуваат дека стапката на невработени млади лица на возраст од 15 до 24 години е 47,6 проценти, а половина од младите или 53 проценти се решени или размислуваат да заминат надвор од државата. Голем проблем за младите останува достапноста на работните места, а загрижува и високиот удел на млади кои работат во неформалната економија, дури 48,1 процент.
Ирена Ивановска, претседателка на Секцијата на млади при ССМ, посочува дека младите мора да се информираат за нивните права од работен однос и преку инклузивен процес да се креираат иницијативи со кои ќе се зајакне нивната положба на пазарот на труд.
– Младите најчесто работат со договори на определено време, работат повеќе часови од останатите вработени и примаат плати пониски од работниците вработени на неопределено време. Тие се онаа категорија на која најмногу и се прекршуваат работничките права. Во таа насока е и реактивирањето на постоечкиот капацитет на Секцијата на млади при ССМ и информирањето на останатите млади за правата од работен однос, изјави Ивановска пред почетокот на конференцијата.