Анима Мунди: Во Зелениково човек со ножици сече уши на куче, бараме истрага и казна

Од:

Од здружението за заштита на животни „Анима мунди“, информираат за два случаи на насилство врз животни, кои биле извршени во ист ден и за нив бараат итна истрага и казна за извршителите.

„Загрижени граѓани ни доставија видео материјали за случај во Зелениково, каде повозрасен “човек” со ножици сече уши на куче во двор! И случај во Велес каде малолетник бездушно неколку пати крвнички удира мало кутре кое едвај тежи 5 кг!

Нагласуваме дека случајот во Велес не е изолиран, бидејќи во пораки ни стигнуваат сè повеќе и повеќе видеa од истиот малолетник како малтретира животни“ велат од „Анима мунди“.

За двата случаи, како што информираат, известена е полицијата и АХВ, а за случајот во Велес дополнително ќе бидат известени и социјалните служби.

„Им благодариме на загрижените граѓани, кои ни ги испратија видео материјалите и жалиме што морале да посведочат на одвратните настани, кои за жал веќе се секојдневие кај нас. Ова веќе е црвен аларм дека навистина институциите вклучувајќи ја и полицијата мора да се посветат на спречување и казнување на насилството. На малолетникот и на неговите родители мора да им се предочи сериозноста и кривичниот карактер на деликтот додека не е предоцна. Дека имаме сериозен проблем сведочи и тоа што неговите другари, 15 годишници неговото девијантно однесување го оправдуваат со тоа дека кучето е негова сопственост. Зарем можете да спиете мирно додека малолетници кои треба да бидат нашата иднина сметаат дека насилството врз животно може да се оправда со тоа што малтретираното животно е во сопственост на неговиот мачител. Што ќе биде кога истите тие деца ќе бидат родители?“ прашуваат од здружението.

За жал, како што велат оттаму, убиецот на Идриз , кој го обезглави среде ден помина само со казна од 1000 евра.

„Зарем за вакво опасно однесување постои цена која може да се плати? Дали безбедноста на останатото население има цена? Ова се монструозни дела, а за жал ниту се први ниту последни во нашава држава и не смеат повеќе да бидат игронирани! Тие се дрзнуваат да мачат и убиваат животни зошто не чувствуваат закана од институциите и законите и од ништо не се плашат! Во Македонија нема одговорност за убивање на животни! Дали имаме намера конечно да станеме правна држава?“ оценуваат од „Анима мунди“.

Здружението ги повикува институциите итно да започнат со сериозни истраги, најстрого да ги казнат сторителите, затоа што, како што велат, ваквите индивидуи се закана по безбедноста и животот на секое битие, независно дали животно или човек!

Би можело да ве интересира

Група граѓани одржаа протест и марш во Тетово, поради кучето кое угина по пад од зграда

„Анима Мунди“ ги повикува пратениците да ги поддржат измените на Законот за заштита и безбедност на животните

Анима Мунди: Инвеститорот и пожарникари го натерале кучето во Тетово да скокне

А1он

ВИДЕО: Продолжува суровоста во Македонија-куче фрлено од седми кат

Предраг Петровиќ

Анима Мунди: Итно да запре убивањето кучиња во ЈП Лана, Струмица и да се овозможи непречен влез на активистите

„Кучиња се дават во крв додека некој се радува на победа“: Помеѓу Охрид и Струга изграден ринг за борби

A1on