Иако март, беше даден како краен рок за декриминализацијата на клеветата, и два месеци подоцна, нема политичка волја за затварање на ова прашање, обвинува Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија.
Преговорите со владата се замрзнати. Роковите сега се пролонгираат за крајот на јуни, но ако до септември клеветата не биде декриминализирана, тогаш Македонија ке добие негативен извештајот од Европа за својот напредок, објаснува Селмани, а слободата на медиумите и понатаму ќе биде главна мета за европските критики.
За Дуња Мијатовиќ, претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, состојбата со медиумите во земјава останува загрижувачка. Засегнатите страни мора да седнат на маса и да најдат заедничко решение за подобрување на состојбите со медиумите вели Мијатовиќ и за А1 додава:
„Работната група која имаше задача да изготви нов закон за декриминализација на клеветата не може да продолжи напред бидејќи како што разбрав преговорите се заглавени околу висината на максималната оштета. На Владата и ја понудив помошта на мојата канцеларија, но оттаму сеуште нема официјален одговор. Сепак, процесот за декриминализација на клеветата согласно меѓународната пракса зависи од политичката волја“.
„Владата бара превисоки казни за новинарите кои во граѓански процес ќе бидат тужени за клевета. Разликите во овој дел допрва ќе треба да се испеглаат, но прво надлежните треба да понудат конкретни законски решенија, па потоа да неповикаат да дискутираме за нив“, додава Селмани.
Во европското законодавство, клеветата не е кривично дело, а како што велат од ЗНМ, судот во Стразбург, кога нема штета, ги толерираат дури и шпекулациите за јавните функционери, бидејќи поттикнуваат на дебата, па новинарите се ослободуваат од тужбите за клевета. Македонските судови, клеветата сеуште ја третираат по кривичниот закон, казните за новинари достигнуваат астрономски суми, а заканите со затвор стануваат се погласни.
Јасмина Јакимова