Армиските „Волци“ заедно со американски војници на обука во зимски услови на Шар Планина

Од:

Припадниците на специјалната единица на АРМ „Волци“ и од 10 – та група на специјалните сили од вооружените сили на САД денеска презентираа дел од 11-та заедничка обука во зимски услови што ја спроведуваат на Шар Планина, пред министерот за одбрана Фатмир Бесими, началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески и заменик-амбасадорот на САД во Република Македонија Брајан Агелер.

Организација на привремена база на снег, патролирање на снег со скии и кожи, симулирање на пребарување и спасување лица и опрема во лавина, со бипери „Баривокс“, како и евакуација и реанимација на затрупани лица, беа работните точки што ги изведоа во рамки на обуката која ќе продолжи и на АП „Криволак“.

Министерот Бесими нагласи дека ова е проект во рамки на соработката со САД, со кои имаме долгорочно стратешко партнерство на патот на осовременување на АРМ согласно највисоките стандарди на НАТО.

– Кога ние говориме дека секој ден работиме на членството на НАТО и секој ден сме чекор поблиску, тоа се однесува токму на вакви подготовки. Ова што денеска го правиме е пред се  за мировната мисија на АРМ како на домашен, така и на меѓународен план, изјави Бесими, додавајќи оти АРМ придонесува за глобалниот мир, а во мировните мисии ги има достигнато највисоките резултати и признанија.

Упатувајќи благодарност до САД за поддршката што ја дава за Македонија односно за АРМ, Бесими потсети дека од 1993 година досега вкупната американска поддршка изнесува 130 милиони долари, а над 300 припадници на АРМ се обучени во високите воени школи на САД.

Началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Котески информира дека во текот на 2013 година припадниците на АРМ ќе изведуваат поголем број заеднички вежби со армиите на земјите-членки на НАТО, но и земјите партнери кои не се членки на Алијансата.

– Единиците на АРМ ќе изведуваат обуки на целата територија на Република Македонија со цел да го запознаат теренот, но и да ја развиваат координацијата со локалните институции надлежни за одбраната и безбедноста, изјави Котески.

Заменик амбасадорот Агелер посочувајќи оти војниците од Македонија и од Амерка се на Шапка рамо до рамо, како што рече, исто како во Авганистан, подвлече оти е очигледно дека имаме многу предизвици во светот, но истовремено и многу успеси во заедничката работа.

– Партнерството меѓу Македонија и САД има многу аспекти. Ова денеска  е само еден одличен пример и се надевам дека во иднина ќе имаме многу повеќе вежби тука во Македонија, изјави американскиот заменик амбасадор.

Според командантот на Полкот за специјални операции полковник Павле Арсовски, секогаш целта на оваа обука е да се разменат искуства, усовршување  и унапредување на постапките и процедурите, тактиките и техниките, како и можност да се научи нешто ново. Арсовски изрази задоволство што имаат можност да работат заедно со специјалните единици на САД.

За Џон Хеген од специјалните единици на САД, заедничката обука на Шапка во зимски услови е секогаш предизвик и претставува големо искуство.

Би можело да ве интересира

Независниот синдикат на професионални војници поднесе кривична пријава против Славјанка Петровска

Катерина Ѓуровски

Уставниот суд ја укина забраната за вршење верски обреди во објектите на македонската армија

А1он

Сиљановска – Давкова: Најсилната страна на Армијата е човечкиот капитал

Раскинат е договорот со фирмата што ја снабдуваше АРМ со храна, по труењето на 60 војници

Мисијата на ОН во Либан во која има и македонски офицери го одби барањето на Израел да напушти дел од позициите

Катерина Ѓуровски

Оброците за АРМ се 100% исправни, соопшти фирмата која ја подготвува храната