Поради дефект на внатрешната инсталација во Студентскиот дом „Стив Наумов“, една зграда од четирите нема топла вода, а во две згради нема парно греење. Од Државниот студентски дом „Скопје“ информираат дека интензивно се работи на терен за итно отстранување на дефектот и во рок од два дена, односно во петок, студентите сместени во студентскиот дом ќе имаат и топла вода и парно греење.
„Во моментот се работи на санирање на наследената катастрофална состојба во домовите и на замена на дотраената и стара опрема, а истовремено се исплатени и обврски во висина од 2 милиона евра од наследениот долг од 5 милиони евра. Гу уверуваме студентите дека ќе се решат наследените проблеми во студентските домовите, кои се затекнати во катастрофална состојба, а условите за живеење и учење во студенстките домови ќе продолжат да се подобруваат“, велат од Државниот студентски дом „Скопје“.
Од таму додаваат дека во последна фаза е воведување на новото мени по повеќе од 15-ина години, како и дека набргу ќе почне реновирањето на кујната во „Гоце Делчев“, реконструкција на покривите во „Стив Наумов“, поставување видеонадзор за обезбедување поголема безбедност на студентите и подобрување на квалитетот на храната.