Во организација на Советот за регионална соработка (РЦЦ) утре во црногорскиот град Будва ќе се одржи Регионална работилница за медиумско покривање на теми поврзани со насилниот екстремизам, наменета за новинари од регионот на Западен Балкан.
Работилницата е дел од Програмата за демократска контрола на вооружените сили: Интегрирано управување со внатрешната безбедност – Иницијатива за антитероризам на Западниот Балкан, поддржана од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) на ЕУ.
Главната цел на работилницата е да се разговара за улогата на медиумите во борбата против тероризмот, за феноменот на социјалните медиуми и онлајн радикализацијата, како и за улогата на новинарите во институционалниот одговор на овие предизвици.
На собирот ќе биде презентиран и преглед на постојните институционални рамки во областа на Регионалната акција за превенција/борба против насилниот екстремизам (П/ЦВЕ) во Западниот Балкан, како и севкупниот општествен пристап кон оваа појава со посебен акцент на механизмите кои ги вклучуваат други заинтересирани општествени чинители.