Со отворање изложба на карикатури на тема „Часовникот на судниот ден“, почна Меѓународниот фестивал на хумор и сатира „Ин Виница веритас“, кој одбележува 25 години од основањето.
Меѓународното жири одлучи првата награда годинава да му припадне на карикатуристот Муса Ѓумуш од Турција, втората на Олексиј Кустовски од Украина, а третонаграден е Амир Сохејли од Иран.
На сцената на Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница, кој е организатор на манифестацијата, им беа доделени признанија на основачите на фестивалот.
– Сакаме да им се заблагодариме на луѓето чија визија пред две и пол децении ја зачна идејата за овој фестивал и кои на ова мало гратче му отворија нова страница од културната историја. Горди сме што „Ин Виница веритас“ стана препознатлив белег за Виница и од година во година прераснува во значајна културна манифестација во нашата земја. Ние сакаме да го задржиме досегашниот континуитет на содржини кои го лоцираа на листата на меѓународни фестивали за карикатура, но отворени сме и за нови идеи кои ќе ја збогатуваат програмата и со сиот свој расположив капацитет ќе се залагаме тие да бидат реализирани, истакна градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.
Фестивалската програма ја отвори кабаретската претстава „Од две мајки браќа“ со актерското дуо Никола Тодороски и Трајко Стаматоски, а за вечер е најавена промоција на антологијата на балкански афоризми „Трагачи по парадокси“ од афористичарот и хуморист Миле Ѓорѓијоски, проследена со Меѓународната вечер на афоризми.
Годинава првпат ќе се одржи интернационална вечер на хумор и сатира со учество на театарот од бугарскиот град Трјавна кој ќе ја изведе комедијата „Љубов под хипноза“.
Театарската програма на фестивалот, која ќе трае до 29 октомври, ќе ги донесе комедиите „Кец на десетка“ во изведба на МНТ и „Дони Дарк“ на театарот „Комедија“ од Скопје, како и претставата „Мани, мани, мани“ во изведба на Кумановскиот театар. Придружна едукативна содржина ќе биде работилница на тема „Театарски речник од деца за деца“.
Покровител на фестивалот „Ин Виница веритас“ е локалната самоуправа на Виница, а се организира со поддршка од Министерството за култура и од локалниот бизнис-сектор.