Во писмо испратено до Европската Комисија напладне, италијанската Влада одби да ги измени контроверзните буџетски планови, но вети дека ќе ги почитува преземените обврски и нема дополнително да ги зголемува ниту долгот, ниту дефицитот.
Популистичката владејачка коалиција во Италија, Северна Лига и Движењето Пет Ѕвезди, изготви буџет за 2019 кој Европската Комисија го оцени како девијација „без преседан“ од утврдените буџетски правила на ЕУ. Според пактот за стабилност и раст на ЕУ, земјите членки се должни да се стремат кон намалување на дефицитот на три отсто од БДП и на долгот на 60 отсто од БДП.
Сегашниот италијански предлог-буџет предвидува дефицит од 2,4 отсто од БДП, што е значително повисока стапка од онаа предвидена од претходната влада која беше од 0,8 отсто. Италијанската Влада предивидува до 2021 да ја намали оваа стапка на 1,8 отсто.
Што се однесува до долгот, италијанскиот буџетски план предвидува намалување на 126 отсто до 2021. Моментално стапката на италијанскиот долг изнесува 131 отсто од БДП, што е една од највисоките во ЕУ.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, во писмото испратено до европската извршна власт, италијанската Влада признава дека знаела оти буџетскиот план не е согласно европските правила.
– Ова е тешка одлука но беше потребна за да се врати нивото на БДП од пред кризата и со оглед на драматичните економски услови во кои се наоѓаат најкревките слоеви на италијанското население, стои во писмото.
Владата објаснува дека таргетот од 2,4 отсто е максималната одредена стапка и гарантира дека таа нема да биде надмината.
– Не сме луѓе со вжештени глави. Ако усвоевме различен финански закон ќе влезевме во рецесија, изјави премиерот Џузепе Конте и порача дека сака конструктивен дијалог со Брисел.
Премиерот ја потврди европската заложба на неговата влада и гарантираше дека Италија нема да ја напушти еврозоната, ниту Европската Унија.
– Слушнете ме добро, нема шанса за Италегзит, за напуштање на Европа или на евроозната, истакна Конте.
Писмото сега ќе биде разгледано од страна на Европската Комисија која потоа треба да се произнесе и за италијанскиот буџет како и за буџетите на другите земји членки, во рамки на годишната евалуација.