Пратениците презедоа одговорност и испишаа нова шанса во историјата на Македонија, сакам да им честитам на сите за заедничкиот напредок и за тоа што најпосле земјата се извлекува од калта, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Македонија покажа дека е подготвена да стане членка на НАТО и дека е подготвена да ги почне преговорите со ЕУ, додаде Шекеринска на прес-конференцијата во Владата.
Со оваа одлука, вели таа, земјата станува фактор на стабилност во регионот, а факторот стабилност ќе донесе и нови и поголеми странски инвестиции кои ќе обезбедат и нови работни места, голем извоз, подобар стандард, посочи министерката за одбрана.
„Историскиот глас на пратениците, во исто време беше глас против изолација но и против несигурност. За поздравување е таа одговорност да се стават сите работи настрана и да се даде глас за иднината“, изјави Шекеринска.
Сега е моментот да зборуваме за суштинско помирување и обединување, кое ќе тргне од Собранието и ќе влезе во сите сегменти на општеството. И ќе остави позитивен исход, секаде каде што имаме политички раскарани граѓани. Сакаме да и дадеме шанса на таа енергија, да не направи поблиски и пофокусирани, посочи Шекеринска.
Според неа, со исполнување на домашните обврски паралелно се создава правна држава во која владеат редот и законот и во која институциите се во служба на граѓаните и се отворени и отчетни.
Шеќеринска рече дека овој историски момент повикува на обединување на сите политички и прогресивни сили во земјата.
„Тоа ни е потребно, како никогаш досега. Верувам дека сега е возможна дури и поголема поддршка во Собранието за спроведување на Договорот од Преспа и со тоа за зачленување на Македонија во НАТО и Европската унија. Секој пратеник кој верува и знае дека Македонија треба да стане дел од западниот свет, треба да ги поддржи уставните измени во следните фази“, изјави таа.
К.О.