Во Велес утре започнува „Фестивалот на велешка пита и вино 2018“

Од:

Општина Велес и оваа година традиционалино по 14. пат од 19 до 21 октомври – овој викенд во Велес организира „Фестивал на велешка пита и вино 2018“ кој има забавен и хуманитарен карактер.

Освен специјалитет на градот велешка пита пастрмајлија и квалитетни македонски вина од Повардарието, фестивалот ќе биде збогатен и на посетителите ќе им понуди многу музика со македонски групи и пеачи и настап на фолклорни ансамбли и ритмичко – балетски студија.

За разлика од изминатите неколку години кога беше пред кафитериите во новиот дел од градот, оваа година манифестацијата ќе се одржи на поголема локација од Плоштадот С’рмаале па нагоре долж главната улица, пред кафитериите па се’ до кружниот тек „Авона“. Новина е и што бината наместо кај гимназија годинава ќе биде во центарот на градот на плоштадот С’рмаале.

Манифестацијата „Фестивал на велешка пита и вино 2018“ ќе биде од изложбен и продажен карактер.

Како што информира на денешната прес конференција градоначалникот Аце Коцевски, годинава првпат на фестивалот ќе има и Саем за рачни ракотворби и сувенири од велешките занаетчии. Воедно првпат од општинската организација на жени организираат и продажба на велешкиот специјалитет ѓозлемето-сукана пита од тесто со месо.

Како што појасни Коцевски од продажбата на занаетчиските рачни ракотворби на саемот и од продажбата на ѓозлемето, собраните средства ќе одат во хуманитарен карактер. Тие ќе бидат наменети за лекување на 14-годишниот Кристијан Андреев од Велес на кој итно му е потребна операција во Турција. Воедно за негово лекување од општинската каса ќе бидат издвоени 50 илјади денари, информира Коцевски.

Отварањето на фестивалот е утре во 14 часот кога на бината на С’рмаале ќе настапат најмалите 90 дечиња од градинката „Димче Мирчев“, а потоа и балетската група „Црни мачиња“ и „Дабл Трабл“. Свој настап во петок попладне ќе имаат Тони Андреев и групите „Боеми“ и „Виртус“, а потоа и „Балкава“. Вечерта ќе настапат Анета и група „Молика“ „Ред Гарден“ и „Некст тајм“, а за крај на вечерта некаде пред полноќ и шоуменот Игор Џамбазов и „Гури Харе Бенд“.

Во сабота од 14 часот па натаму ќе настапат Црковно младинскиот хор „Св. Кирил и Методиј“, КУД „Ќерамичар“, Камерниот црковен хор „Св Великомаченик Пантелејмон“, потоа „Бејзмент блуз експеримент“, Велешка Чалгија, Нино Величковски и Кумановски тамбураши, Агушеви. Во сабота вечерта настап ќе имаат Кристина Арнаудова, Влатко Лозаноски и на крај Бени Шакири.

На третиот ден од манифестацијата во недела 10 часот ќе има велосипедка трка со старт од Сармаале. Потоа ритмичката група „Анабела“ и КУД „Коле Неделковски“ и КУД „Вила Зора“.В о 14,45 ќе има промоција на велешкото ѓозлеме во соработка со Организацијата на жени. Свој настап попладнето ќе има и Чалгијата со „Распеани велешани“. Потоа ќе настапат велешките легенди групата „Зрак“. Свој настап ќе има „Чалгија саунд систем“ и „Синтезис“, Ивона Јовановиќ и Александра Јанева, „Слаткаристика“ и на крај Дарио.

Како што потенцира на денешната прес конференција градоначалникот Коцевски, за разлика од изминатите години од годинава на манифестацијата ќе настапат само македонски изведувачи и групи со цел како што нагласи да се заштити македонската музика од турбо и фолк изведувачи од земјава и странство.

Тој информира дека за настапот на сите 19 македонски пеачи и групи заедно со хонорарот на водителите ќе бидат исплатени 23.420 евра без персонален данок, што како што нагласи е половина од парите кои лани Општина Велес му ги исплатила на Здравко Чолиќ.

Организаторот – Општина Велес заедно со велешките угостители кои ќе ги изработуваат питите, ги поканува граѓаните од цела Македонија да ја посетат манифестацијата и да уживаат во традиционалниот велешки специјалитет од 1873 година велешката пита пастрмајлија залеана со дегустација на врвни македонски вина од винариите на Повардарието.

Инаку питата пастрмајлија во Велес се подготвува од 1869 година за што како потврда на овој факт има и пишан документ.

Инаку во рамките на манифестацијата во недела во 13 часот на помошното игралиште во Градскиот парк ќе се одржи и меѓународен турнир на пеливани, најави Коцевски.

Би можело да ве интересира

Двајца велешани нападнале полицајци, насилниците завршиле во станица

Горан Наумовски

Измамема жена од Велес, останала без 600 евра

Велешанец проголтал дрога за да ја сокрие од полиција, па завршил во болница

Горан Наумовски

Во Велес утре Ден на жалост поради тројцата велешани кои настрадаа во сообраќајка

Маж и жена шверцувале дрога на релација Скопје-Велес

Горан Наумовски

Се загади воздухот во Велес од пожарите на планините Мукос и Бабуна

Предраг Петровиќ