Преставниците на опозициските партии во Србија денеска се согласија заедно да се борат за спроведување фер и слободни избори, како и за рамноправен третман во медиумите.
Тие, на тркалезната маса која беше одржана во старото Собрание на Србија, оценија дека актуелната власт не може да биде сменета без постигнување на тие основни демократски услови и начела и се согласија да формираат работна група која ќе ги конкретизира нивните барања.
На тркалезната маса учествуваа претставници на Сојузот за Србија, Демократската партија, Двери, Социјалдемократската партија, Демократската партија на Србија, Доста беше, Движењето на Центарот, Народната партија, Граѓанскиот блок 381 предводен од Саша Јанковиќ, Синдикатот Слога, Левицата на Србија, Лигата на социјалдемократите на Војводина …
Саша Јанковиќ од Движењето на слободните граѓани на дебатата го подвелече значењето од единственото дејствување на опозицијата во борбата за фер и чесни избори, како и дека работната група која треба да се формира мора да се фокусира на измена на изборниот закон, за да изборите воопшто имаат смисол.
Според него, јасно е што работи власта во Србија, но на примерот на Македонија, во која се сменети изборните правила, се покажа дека е можно тие работи да се сузбијат и да се изборат за слободни изборни услови.
Драган Ѓилас, еден од основачите на Сојузот за Србија, оцени дека денешниот собир на опозицијата која е против сегашната влада е историскиот чин, со што им покажува на граѓаните дека можат да се согласат околу борбата за фер и слободни избори.
– Сликата што Србија ќе ја види денес е исклучително важна, луѓето да сфатат дека без разлика дали се согласуваме или се критикуваме, кога станува збор за овие основни работи, сите ние мислиме исто и подготвени сме да се бориме за нив заедно, рече Ѓилас.
Тој нагласи дека е важно да се формира работно тело кое ќе ги состави повеќето барања, предлози и мерки,додавајќи дека е потребно да се утврдат луѓето кои ќе работат на ова.
Борислав Новаковиќ од Народната партија како една од опциите предложи бојкот на изборите, за кои претседателот на Нова странка Зоран Живковиќ, рече дека и тој е за таа опција, само ако се знае што ќе се прави по бојкот.
Претседателот на Демократската партија Зоран Лутовац, рече дека Србија е “заробена држава” без владеење на правото, независно судство и дека е создаден таков систем според кој на сите нивоа на избори се канидитира еден ист човек, а распределбата на средствата за медиумите се регулира врз основа на лојалност, а не на професионалноста.
Тој рече дека е неопходно да се дефинираат клучните точки на “ослободувањето на државата”, а тоа се – регулирање на медиумската сфера, промовирање на демократската политичка култура и создавање на систем кој ќе гарантира фер и чесни избори.