Младите инженери од Асоцијацијата на здруженијата на инженери – Инженерска институција на Македонија (ИИМ) станаа полноправна членка на Европската федерација на млади инженери. Членството го официјализираше Советот на Федерацијата на конференција што се одржа во Малта.
На конфренецијата ИИМ ја презентираше својата работа, како и целите и задачите што ги имаат младите инженери во оваа струкова институција. Делегацијата ја предводеа претседателот на Инженерската институција на Македонија, професор д-р Христина Спасевска и претставник на младите инженери, магистер Александар Крлески.
– Ова е значаен настан за Инженерската институција на Македонија како единствена професионална асоцијација што обединува дваесет здруженија од сите области на инженерството и ги потврдува нашите заложби континуирано да придонесуваме за подобрување на условите за работа и напредување на младите инженери во Македонија. Соочени со нивниот одлив од земјата, членство на нашата организација во Федерацијата ќе овозможи размена на искуства на европско ниво и нивно пренесување во државата, со цел да се направат ефикасни политики за нивно задржување во Македонија, вели професор Спасевска.
За Крлески, сега се отвора можност младите инженери од Македонија да комуницираат со повеќе од 250 илјади инженери и студенти од Европа.
– Нашето членство во Европската федерација ќе придонесе со уште 20 други организации од 17 земји заеднички да работиме, претставувајќи 250 илјади млади инженери и студенти, кои веќе се дел од Федерацијата. Наша цел е преку заедничко дејствување на граѓанско и политичко ниво, да градиме една европска иднина, разменувајќи го нашето знаење, искуства и култура, посочи Крлески.