Министерот за надворешни работи Никола Попоски, денеска го прими вонредниот и ополномоштен амбасадор на Кралството Норвешка во Република Македонија со седиште во Белград, Нилс Рагнар Камсвог.
Како што соопшти МНР, на средбата беше искажано задоволство од позитивниот тренд на политичките односи меѓу двете држави. Министерот Попоски нагласи дека Владата на Република Македонија, особено ја цени поддршката и помошта што Кралството Норвешка и ја дава на Република Македонија во процесот на интегрирација во европските и евроатлантските структури.
Од своја страна, амбасадорот Камсвог ја реафирмира готовноста на Кралството Норвешка за поддршка на конкретни проекти за зајакнување на капацитетите на Република Македонија во процесот на интегрирање во НАТО и ЕУ.
Беа разменети мислења и за билатералната економска соработка, како и за можностите за интензивирање и проширување на соработката во други области од заемен интерес, стои во соопштението.