Бизнис делегација на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), предводена од претседателот Данела Арсовска е во Белград, на дводневниот 7. Самит: ЕУ и Југоисточна Европа – Одржлива обнова на Балканот, кој е во организација на реномираниот лондонски „The Economist“.
Самитот обедини релевантни говорници, го отворија премиерот на Србија, Ана Брнабиќ и вицепремиерот Ивица Дачиќ, додека претставници на НАТО, Европската комисија, влади на земјите на Југоисточна европа, министри, амбасадори, директори на меѓународните финансиски организации, дискутираат на најактуелните теми во моментов за Балканот.
Акцент на овогодишниот Самит е подобрување на економската и регионална соработка, проширување на ЕУ и Западен Балкан, деловна клима, дигитализација, енергетска ефикасност, развој на услови за економски развој на регионот.
Арсовска го отвори панелот посветен на економијата, заедно со Бојан Марковиќ, претставник на ЕБОР, Eрика Теоман – Бреннер, претставник на Австриската организација за промоција на трговијата Advantage Austria, како и Гаетано Масара, претседател на Tungsram дискутираа за тоа што следи за бизнисот и економијата во регионот, важноста од економска стабилност, можностите на регионот настапувајќи како единствен пазар и приближување кон ЕУ, како и за зајакнување на довербата на инвеститорите.
„Земјите од Југоисточна Европа повеќе или помалку имаaт слични предизвици, но најголемиот заеднички предизвик кој ги обединува е одржливиот пат кон економски развој, а во таа насока добрососедските односи и политичка стабилност на регионот се дел од клучните услови. Воспоставувањето на заеднички регионален пазар од над 20 милиони ќе го направи регионот поконкурентен но и секоја од државите поединечно. Обединет пазар значи нови работни места, намалување на трошоците, побрз проток на стоки и луѓе и повеќе инвеститори во Западен Балкан.
Од друга страна довербата на инвеститорите е поткопана, што е уште еден голем предизвик за нашите земји. Сите се соочуваме со истите предизвици кои се и дел од барањата на Европската Унија кои мора да се регулираат, а тоа се проблемите со владеење на правото, корупцијата и нетранспарентна и брза промена на легислативата. Справувањето со овуе клучни предизвици е услов за подобрување на деловната и инвестициската клима, истакна Арсовска во своето обраќање и додаде дека неопходно е поголемо искористување на расположливите фондови со цел да се изгради силна економска мрежа како единствен пазар кој ќе го зајакне регионот и ќе го приближи до ЕУ.
На сесијата беше поентирано дека сега е моментот засилено да се имплементираат структурните економски реформи за поттикнување на инвеститорите и враќање на нивниот интерес за регионот.
Овој самит е еден од клучните настани во организација на The Economist како светски бренд, кој годишно организира настани на ниво на светските лидери кои дискутираат за стратешки политички и економски прашања. Минатата година Самитот на ЕУ и Југоисточна Европа се одржа во Подгорица, а претходно во Виена, Букурешт и други европски центри.